Царовска: Со реформата го јакнеме и кадарот, наставниците нема да изгубат работа
Министерката за образование и наука Мила Царовска и наставниците од основните училишта во државата на онлајн состанок разговараа за новата концепција за основно образование. Министерката истакна дека со реформите коишто ќе стартуваат од идната учебна година се унапредува образовниот модел согласно препораките на релевантни меѓунарoдни институции и организации и воведува современо европско образование.
„Не укинуваме ниту една научна дисциплина, затоа што се стремиме да направиме квалитетно образование во кое нашите ученици ќе се стекнуваат со сите знаења вклучувајќи ја и историјата“, рече Царовска.
Министерката истакна дека наставниците нема да изгубат работа, туку напротив се работи на зајакнување на кадарот затоа што реформата се отвораат можности за напредок.
„Наставниците ќе добијат поголема автономија во осмислување и реализација на часовите, како и поголема поддршка од системот . Ова е една од моите клучни заложби кои ќе ја подигнат мотивацијата на наставниците и квалитетот на наставата. Оттаму, колку што реформата ќе биде придобивка за учениците, токму истата е придобивка и за наставниците и образовните работници“, рече Царовска.
Во следниот период продолжуваат консултативните состаноци со сите вклучени страни за целосно новата концепција за основно образование.