26/11/2024
Македонија

Царовска: Со усогласување на законите и јакнење на институциите побрзо ќе ја спроведеме Истанбулската конвенција

Усогласувањето на законите со кои треба да се спречи насилството врз жените и семејното насилство, како и сите други мерки што државата треба да ги направи за да ја имлементира Истанбулската конвенција беа тема на денешниот координативен состанок во Владата на Република Македонија.

На состанокот на кој воведно обраќање имаше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, присуствуваа преставници од поголемиот дел од министерствата, од државните институции,  меѓународните организации и граѓанскиот сектор.

“Eден од стратешките определби и приоритети на Владата на Република Македонија е да ги исполни предвидените активности во владината Програма, односно да го реализира Акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција. На овој начин сите заеднички ќе направиме напори за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така ќе делуваме превентивно во подигнување на јавната свест како и воспоставување на институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство”, истакна министерката Царовска.

Владата на Република Македонија на 9 октомври го усвои Акцискиот план за спроведување на конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство во Републка Македонија за периодот 2018-2020 година.

Овој Акциски план претставува сеопфатна мулти институционална политика за борба против насилството врз жените и овие политики треба да се гледаат како елемент на демократското и транспарентното владеење засновано на владеење на правото.

Во насока на унапредување и унифицирање  на системот за постапување со случаи на семејно насилство,  изготвени се и усвоени  стандарди и процедури за семејно насилство  во соработка со граѓанскиот сектор. МТСП досега отвори 4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а ја прошири и дејноста  на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе  и со жртви на сексуално насилство каде што згрижувањето трае до 6 месеци.

МТСП во соработка со граѓанскиот сектор, финансира Центар за лица жртви на семејно насилство, Кризен центар 24/48часа и Национална мобилна СОС линија,  кои се менаџирани од страна на граѓански здруженија. Министерството за труд и социјална политика изборот го прави по пат на јавен повик на годишно ниво. Министертвото инвестира и во  објект во кој ќе биде сместен Центар за советување на жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје, отворени се и 3 Центари за жртви на сексуално насилство.