Царовска учествува на Првиот Совет за стареење во Анкара
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска присуствува на првиот Совет за стареење во Анкара, со кој претседава турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Министерката имаше свое обраќање на коешто истакна што Република Северна Македонија прави за активно живеење на старите лица.
„Повозрасните не треба да бидат пасивни, туку активни членови на секое општество и да учествуваат во сите политчки и општествени процеси. Наша задача е да создадеме услови за ова. Повозрасните опфаќаат 12% од нашето население, а според проценките на ОН овој процент ќе достигне 18,8% до 2030 година. За да им овозможиме подобри услови, активно и исполнето секојдневие ги унапредуваме законите, институционалните и алтернативните услуги, а воведовме и социјална пензија, за оние на 65 години, кои го граделе нашето општество, но не стекнале право за пензија и немаат друг извор на приход од кој можат да се издржуваа“, истакна Царовска.
За оваа цел, Владата на Република Северна Македонија ги реализира активностите од Националната стратегија за развој на социјалната заштита и Националната стратегија за постари лица 2010 – 2020.
МТСП, во соработка со експерти од БиХ започнува пилот програма за подобрување на дневните центри, кои се клучни за социјализација и активација на постарото население. Во рамки на оваа програма, се истакнува потребата од подобрување на инфраструктурата во овие објекти и поголема вклученост на локалните самоуправи и други општествени чинители за одржување на центрите, креирање и реализација на успешни програми за повозрасните.
Исто така, со поддршка на Светска банка изготвена е студија за функционирање на пензионерските домови којашто даде јасна слика за сегашната состојба на домовите. Оваа студија содржи јасни препораки за подобрување на пензионерските домови. Освен што треба да се подобрат условите за домување, истовремено треба да се воведе систем на управување со домовите, но и надзор и намалување на финасиските трошоци.
Во насока на подобрувањето на состојбите со сместувачките капацитети за грижа на старите лица и утврдената потреба за дополнителни сместувачки капацитети, особено во Градот Скопје, Министерството за труд и социјална политика започна активности за адаптација на објект, кој во минатото беше користен за згрижување на деца, кој во иднина ќе функционира како установа за згрижување на стари лица, а ќе биде со капацитет за сместување на околу 100 стари лица.
Со новиот предлог Закон за социјална заштита ќе се воведе нова услуга “помош во домот“ која ќе треба да обезбеди поддршка на старите лица во домашни услови и поддршка за живот во местото на живеење.
Целта на Советот што се одржува во Анкара е да се најде начини за подобрување на квалитетот на активното живеење на постарите лица, бидејќи на светско ниво се зголемува процентот на стари лица.