22/11/2024
Македонија

Царовска: Училиштата се подготвени за враќање на учениците во училница

Отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука која ја донесовме во врска со организирањето на новата учебна година, која за жал се организира во услови на пандемија. Од наставата со физичко присуство нема подобра опција за учениците, а тоа е и препораката на УНИЦЕФ, на ОЕЦД, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, која што денеска го посети ОУ„Климент Охридски“, во Драчево, едно од 15 –те училишта каде што УНИЦЕФ и УСАИД донираа 50 тина станици за миење на раце. 

„Училиштата се подготвени за враќање на учениците во училишните клупи. За да се спречи ширењето на Ковид-19 во училиштата потребна е максимална одговорност и почитување на планот и протоколите што ги усвоивме од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители, од општините, а секако да бидеме и одговорни и надвор од училиштата.

Морам да изразам благодарност до УНИЦЕФ и до УСАИД кои ни помагаат како држава во целиот овој процес на нормализирање на образовниот систем и на повторно враќање на учениците во училиштата иако пандемијата не стивнува. Тие не само што даваат советодавна поддршка, како што знаете препораките на УНИЦЕФ се дека училиштата мора први да се отворат, а последни да се затворат во услови на пандемија заради сите последици кои затворањето може да ги има по однос на учениците и нивниот правилен развој, туку помагаат и од материјален аспект во многу прилики“, рече Царовска.

На настанот освен министерката присуствуваа и претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, директорот на УСАИД Ерик Јановски и Филип Темелковски, градоначалник на Кисела Вода.

Ди Џовани и Јановски ја поздравија владината одлука за отворањето на училиштата во новата учебна година за сите ученици.

„Сметаме дека училиштата се подготвени за држење настава со физичко присуство. Тоа го покажаа и нашите анализи според кои минатата година дури 88 % од наставниците се изјаснија дека учениците немале потешкотии и доследно ги почитувале протоколите за заштита“, рече Ди Џовани.

Мобилните станици за миење раце имаат канистери за вода, сапун и крпи за раце. УНИЦЕФ донираше педесет и две станици на 15 училишта, со финансиска помош од УСАИД. Училиштата ги посочија Институтот за јавно здравје и Државниот просветен инспекторат како критични според капацитетите за вода, санитација и хигиена. 

Изборот на училиштата беше направен врз основа на наодите од алатката за самопроценка изработена од Институтот за јавно здравје и Државниот просветен инспекторат, со поддршка на УНИЦЕФ. Оваа алатка ги интегрира напорите за проценка меѓу ИЈЗ и Државниот просветен инспекторат, а ги вклучува препорачаните прашања на СЗО за проценка на капацитетот за вода и санитарно-хигиенски услови.