Почитувани членови на Владатa Почитувани екселенции, Почитувани претставници на медиумите, Уважени гости, Дами и господа, Денес е светол ден. Го празнуваме херојското дело и подвикот на илјадници кои славната 1903-та година кренале востание, кое не е само востание за слобода, туку и востание на слободарскиот дух, борба за правдини, верба во вредности и надеж да се победи по векови ропство, падови, тежок живот и бројни жртви. Имаме долг, кон историјата, но и пред себе, како луѓе да покажеме достојна почит и со сериозно достоинство и поклон да се однесуваме кон делото и херојството на овие луѓе. Треба секој од нас овде, и насекаде низ светот, да знае дека хероите беа скромни и пркосни луѓе кои со своите животи ја плаќаа слободата која денес ја имаме и живееме. Секое парче земја по која денес се движиме е натопено со крвта на илинденците, со маката и жртвата на илјадници пред тоа, што само дава одговор дека нашата борба има континуитет, таа траела и опстојувала, дека хероите се сите оние кои на свои плеќи со своја жртва ја плаќаа скапата цена на слободата која имаме денес. Но, мора да се признае и почитува визионерството на таа илинденска генерација херои. Во тоа време во Европа монархиите го имаат главниот замав и полниот сјај, а овде среде лутиот Балкан, во поробената Македонија, во малото и славно Крушево се раѓа Републиката чии темели се потпираат врз идејата за демократија, народно владеење и целосно почитување на човековите права. Со што само се потврдува визионерството на хероите, но и фактот дека секогаш во кодот на нашиот народ била почита на народната волја, колективните права и достоинството на поединецот. Многу сум горд на мојот народ што никогаш не посегнавме по туѓо, никогаш не посакавме нешто што не е наше, и секогаш дававме почит без исклучок кон сите останати. Овде од овие шуми и падини не се сведочи само за громогласното ехо на комитите кои во овие часови пред точно 121 година, извикуваа УРА за Слободна Македонија, туку и за нивната посветеност и неспорна грижа за својот народ и огромната жртва која ја дадоа. Како и неспорното дело на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ВМРО која беше мајката на македонската борба за слобода. И кога некој ќе се обиде да збори за нашето слободарско дело како земја или ќе праша каде се хероите или ќе говори за слобода или посега по нејзе нека се потсети на фактот што дел од луѓето на четите на славните војводи Никола Карев и Питу Гули беа и со ненавршени 19, и 20 години, со огромна енергија и жар ги положуваа животите водени со мисла, идеја, верба и надеж за слобода каква имаме денес и иднина за која се бориме и денес. Тие го даваа најскапото. За нашата иднина! Нивната храброст, нивната непокорливост и нивната жртва се неповратно вткаени во нашиот колективен македонски идентитет. Со Крушевската република тие ни оставија наследство на борба и надеж – наследство кое денес гордо го носиме и го чуваме како најголема светост.
Read More