Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Пaсха
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Пaсха, упати честитка до г-ѓа Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница во Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.
Почитувана г-ѓо Романо-Николиќ,
Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам еден од најголемите еврејски празници, празникот Пасха.
Пасха го прославува ослободувањето на Евреите од египетското ропство и токму одбележувањето на овој голем празник во себе ја содржи пораката за слобода, правда и достоинство и симболизира ново раѓање и надеж.
Еврејската заедница во земјава има особен придонес во градењето и во почитувањето на општествените вредности и верските различности. Таа е нераскинлив дел од македонскиот модел на соживот кој се базира на почит и заедништво и негување на различните традиции. Нека и оваа Пасха ни биде потсетник да не дозволиме никој да посегне по нашето заедништво, достоинство и слобода.
Честитајќи Ви го, уште еднаш, празникот на слободата и на поклонението, Ви ги испраќам моите најискрени желби за мир, духовен спокој, меѓусебна доверба и пријателство.