23/11/2024
Македонија

Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

Овој празник е симбол на верата, спасението и мајчинската љубов. На овој голем христијански празник го славиме вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Нејзиниот животен пат, нејзината посветеност кон Бога и љубовта кон луѓето, ни говорат за нејзината големина и улога во христијанството. Празнувајќи ги животот, љубовта и посветеноста на Мајката Божја кон своето чедо се потсетуваме на основните христијански вредности кои биле наша водилка низ вековите.

На овој ден да се присетиме на милоста и мајчинската љубов на Мајката Божја и да се помолиме за меѓусебна љубов, почит и разбирање.

Нека е света, вечна и почитувана Мајка Богородица.