Честитка од претседателот Иванов по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ.
Ваше Блаженство,
Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник, Рожденството Христово – Божиќ.
На првиот Божиќ, семоќниот Бог стана човек и се изедначи со беспомошните луѓе. Господ Исус Христос се роди на маргините на општеството, во обесправено и прогонето семејство кое таа вечер немало ниту свој дом. Оттука, Божиќ е израз на Божјата солидарност со луѓето. Како дел од неговата земна мисија, Тој ги исцели болните, им помогна на сиромашните, им посвети внимание на заборавените, им даде достоинство на отфрлените, надеж на безнадежните и им понуди откупителна љубов и простување на сите. Христос ги рушеше човечките бариери што ги делеа луѓето на богати и сиромашни, слободни и неслободни, вредни и помалку вредни, создавајќи духовно променети луѓе кои го менуваат духот на општеството. Нам во Република Македонија ни е неопходно обновување на духот на солидарноста и на социјалната правда.
Затоа, кога се поздравуваме со радосните зборови – Христос се роди – да се потсетиме дека со Христос се роди и надежта за спасението на човештвото преку промената на човековото срце. Со променето срце да го празнуваме Божиќ, имајќи љубов за нашите семејства и пријатели, почит за нашите соседи и сограѓани и солидарност за сите луѓе. Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите верници им посакувам домови исполнети со мир и радост.
Христос се роди!
Навистина се роди!