22/11/2024
Македонија

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани сограѓани,

Ви го честитам 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето време. Тоа беа идеали за слободна македонска република, втемелена врз демократски принципи, во која ќе има соживот меѓу различните етнички, верски и јазични заедници. На нив се надоврзаа илинденците и антифашистите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и државност.

Денес, 127 години подоцна, наша генерациска должност не е само да ги чуваме придобивките на нашите предци, туку и да го направиме следниот чекор. Да ја градиме Република Северна Македонија во напредна европска држава со функционални и одговорни институции, со владеење на правото и со слободно и инклузивно општество.

Годинава, празникот го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која нè потсети колку е испреплетена нашата судбина и колку ние луѓето сме ранливи, независно од нашите етнички, верски, политички и социјални разлики. Овој предизвик што ги надминува нашите разлики е истовремено и можност преку солидарноста да постигнеме граѓанско помирување кое ни е толку непходно. Солидарноста мора повторно да стане наша врвна индивидуална и општествена доблест. Само ако се грижиме едни за други, само ако државата се грижи за секој свој граѓанин, ќе има надеж за Република Северна Македонија.

Нека ни е честит 23 Октомври!

Стево Пендаровски