Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија.
Почитувани сограѓани,
Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Северна Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, успех и благосостојба.
Заедно со останатите етнички заедници и бошњачката искрено и неуморно го дава својот придонес во сите сфери на општествениот, економскиот и културниот живот во нашата земја, придонесувајќи во градењето на едно општество за сите. Горди сме што почитта, заедништвото и уважувањето на различностите се силата на нашата заедничка татковина. И понатаму како држава ќе продолжиме со исполнување на највисоките стандарди во заштитата на етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет на сите наши граѓани и посветено ќе работиме на негување и промоција на бошњачката култура и традиција.
Почитувани,
Би сакал да ја искористам оваа можност и да апелирам во период кога се очекува вториот бран од пандемијата со Ковид-19 да останеме сплотени, солидарни и одговорни и да се заштитиме себеси, најблиските и целата заедница. Верувам дека и од оваа битка, која ја води целото човештво, ќе излеземе како победници и набргу ќе се вратиме на нормалното секојдневие, мотивирани заеднички да работиме за демократска, модерна и просперитетна Република Северна Македонија.
Нека е честит 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
Стево Пендаровски