Честитка од претседателот Пендаровски по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до в. д. поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија.
Почитуван в.д. реис-ул-улема
х. хфз. Шаќир еф. Фетаху,
Имам особено задоволство и голема чест, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Курбан бајрам.
Посакувам овој голем празник да ни донесе среќа, радост, љубов и бериќет, и како празник на дарувањето и на солидарноста да нè инспирира да им помагаме на сите оние на кои им е потребна материјална, но и духовна поткрепа. Милосрдието и човекољубието нека бидат дел од нашите животи не само за празничните денови, туку и низ целата година. Да продолжиме искрено и суштински да споделуваме со нашето семејство, со нашите пријатели и со целата заедница.
Денес кога целата човечка цивилизација е соочена со пандемијата со Ковид-19 како никогаш досега мораме да покажеме заедништво и слога и сплотени да излеземе како победници. Верувам дека токму со силата на молитвата и со љубовта ќе ги надминеме сите предизвици со кои се соочуваме на личен и колективен план.
Во согласност со традициите на заемно почитување и уважување, да се грижиме и да помагаме безусловно на сите наши сограѓани не водејќи сметка за етничката, религиозната или идеолошката припадност. Да продолжиме да го градиме и да го чуваме нашиот заеднички дом, Република Северна Македонија.
Ви упатувам најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба.
Честит Курбан бaјрам.