Честитка од претседателот Пендаровски по повод новогодишните празници
Почитувани граѓани,
Во пресрет на новогодишните и божиќни празници традиционално посакуваме мир и благосостојба во нашиот дом и здравје, среќа и почит во семејството. Сите ние сме едно големо семејство кое има еден заеднички дом – тоа е нашата заедничка држава.
Посакувам, во 2020-та, во нашиот заеднички дом да владее мир и спокој до кој ќе дојдеме преку граѓанско помирување втемелено врз правда и вистина. Вистинско помирување ќе имаме тогаш кога сите ние кои живееме во оваа држава ќе бидеме еднакви граѓани, со еднакви права и обврски. Владеењето на правото и правдата ќе ни ја врати не само довербата во институциите, туку и меѓусебната доверба.
Посакувам благосостојба, втемелена врз евро-атлантска безбедност и вредности. Како што членството во НАТО е гарант за стабилноста, така преговорите за членство во Европската Унија ќе бидат поттик за суштински реформи. Поседуваме доволно домашен потенцијал во битни историски моменти да се обединиме за битни прашања. А, нема поважно прашање од нашата европска иднина.
Ви посакувам сите да имате здравје. Но, да не заборавиме дека нашето лично здравје најмногу зависи од здравјето на нашата животна средина, од воздухот што го дишеме, од водата што ја пиеме. Последиците од загадувањето ги чувствуваме сите, независно од нашата етничка, верска, идеолошка, социјална или генерациска припадност. И токму затоа треба да ги оставиме разликите на страна и заедно да го решаваме овој голем проблем.
Конечно, посакувам да имаме повеќе почит – кон родителите, кон семејството, пријателите, но, и почит кон комшијата, кон сограѓаните, кон земјата. Верувам дека нема човек што се родил тука, а да не ја сака својата земја. Но, поради многу причини, дел оправдани, дел неоправдани, државата не секогаш враќа онолку колку што добива од своите граѓани и толку колку што тие заслужуваат. И затоа се помалку луѓе сакаат да останат овде.
Ако сакаме младите да живеат тука, тогаш, уште од сега, сите ние, одговорните политичари, мораме да работиме со двојно поголем ангажман, за демократска држава и за слободно, хумано и солидарно општество. Општество во кое секој ќе се чувствува еднакво вреден и прифатен со своето вродено човеково достоинство.
Почитувани граѓани,
Сите вие сте подеднакво важни за земјата. Родители и деца, наставници и ученици, работници и пензионери, земјоделци и новинари, доктори и сестри, уметници, спортисти, граѓански активисти, војници и полицајци… Сите вие, сите ние, сме дел од истото семејство. Затоа, да ги напуштиме поделбите, да се почитуваме и помагаме, бидејќи само така нашите желби за подобар живот ќе станат реалност. Само така се гради заеднички дом на среќни и сложни луѓе, кои со надеж ќе ја гледаат својата иднина тука, во својата татковина.
Нека ни е среќна и бериќетна новата 2020 година!