Честитка по повод празникот 11 Октомври од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Браќа и сестри,
11 Октомври е денот на востанието на Македонија, ден кога се празнува пркоста и решителноста на Македонскиот народ и граѓаните на Македонија да се изборат за својата слобода.
Македонскиот народ преку партизанското движење кое преставувало чувар на огнот на илинденските идеали покажало себепрегор, посветеност, но и достојност на столетниот сон и идеал на Македонците за своја држава, за своја самостојност и светла слобода.
Тогаш таа генерација се избори за слободата и државата каква ја имаме денес. Се бореа не затоа што знаеа дека ќе победат, туку затоа што несакаа да изгубат, сакаа слобода, обединети едни до други, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Некои таа цена ја платија со своите животи, некои тешко повредени ги носеа последиците од војната до крајот на својот живот, но и едните и другите се одважија, ризикуваа и победија.
Затоа 11 Октомври е празникот кога не само што се слави идејата за борба, туку и победата која потоа дојде и беше констатирана преку удирањето на темелите на АСНОМСКА Македонија.Но ако немаше борба, тогаш немаше да има и победа.
Затоа и денес ги славиме и делата и борбата на Панко Брашнаров, Петре Пирузе, Ибе Паликуќа, Коста Солев Рацин, Михајло Апостолски, Николов, Прке, Вера Ацева, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски Питу и плејада други борци за слобода и правда. И секако тука е и делото на првиот Претседател на АСНОМ Методија Андонов Ченто кој велеше „мојот син нема да расте во беэимена држава, каде татко му бил жив и эдрав и со прст не мрднал да си го одбрани основното човечко достоинство“.
Денес Макeдонија се соочува со сериозни предизвици, кои наметнаа времиња на сериозни искушенија, кои пак многу јасно овозможуваат да се разграничи кој за што се залага и кој и за што се бори.
Нашата борба денес е Република Македонија, а нашиот предизвик е да ја сочуваме, заштитиме од неодговорните политичари кои одново ја донесоа земјава во нова криза.
Оваа криза не е само политичка, туку е и економска, општествена, криза на недостаток на морал, етика, недостаток на демократија. Државата пополека ја губи народот, затоа што имаме влада која не ја почитува неговата волја, која е јасна, недвосмислена и многу гласна. Не треба да се претвориме во место каде граѓаните ќе бидат заобиколени, каде нивното мислење погазено, место каде оние кои треба да носат правда, испорачуваат неправда, каде прогонот станува основното средство за дисциплинирање на оние кои мислат различно, каде делбите на пријатели и непријатели, на подобни и неподобни се основниот начин на функционирање, каде граѓаните осиромашуваат, а младите се иселуваат, затоа што не гледаат иднина, место каде поради желбата за спас на кариерите на неколкумина политичари, страда цела држава и мнозинството граѓани.
Македонија е многу повеќе од сето ова, Македонија и секој нејзин граѓанин кој заслужува многу повеќе од ова. Македонија земја со зачувано достоинство, со силна економија и држава на среќни граѓани, интегрирана во семејството на ЕУ и НАТО врз база на реално сработеното. Нашата иднина самите ја определуваме и од нас зависи.
Македонија е нашата одговорност кон нашите претци, и нашите деца и сите идни генерации, и заедно, само силни, обединети и со мудрост Македонија ќе победи и Македонија има иднина.
Честит 11 Октомври!
Да живее самостојна, независна Република Македонија!