24/11/2024
Македонија

Чествување на Денот на независноста – 8 Септември под мотото: „Обединети во слободата“

Во организација на Владата на Република Северна Македонија, по повод чествувањето на големиот празник, 8 Септември – Денот на независноста, под мотото: „Обединети во слободата“ ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности во целата држава.

Централната свечена прослава, кога ја славиме сувереноста, независноста и самостојноста на нашата држава и македонскиот народ ќе се одржи во четврток на 8 септември во 19:30 часот на платото кај паркот „Ибни Пајко“ и ќе се пренесува во живо на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата на Република Северна Македонија.

Во рамки на централната прослава, на која ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се планирани изведби и музички солистички нумери од познати пејачи и групи, како и атрактивно шоу на диск-џокеј. 

Одбележувањето на 31 – годишнината од независноста на нашата татковина, на 8 септември (четврток), ќе започне во 8:45 часот, кога премиерот Димитар Ковачевски со владина делегација во состав: Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Беким Сали, министер за здравство како и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ќе оддадат почит и ќе положат свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“.

Од 10:00 часот, премиерот Ковачевски ќе присуствува на свечената церемонија на доделување ордени од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски во вилата на Водно.

Од 11:00 часот до 14:00 часот, во Скопје, во Градскиот парк на „Школка“ ќе се одржи манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат куклената претстава „Лакомата Меца“,   како и тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на  Министерството за внатрешни работи. Во 12:30 часот, предвидено е изјави за медиумите да дадат министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. 

Дополнително, од 11:00 часот во целата држава, ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.

Сите заинтересирани граѓани, ќе имаат можност до 20:00 часот бесплатно да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“ и „Хераклеја“, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија.

Граѓаните и во Битола, имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука, како и Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево.

Во Скопје, ќе бидат отворени, со бесплатен влез за сите заинтересирани граѓани Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот.

„Обединети во слободата“- Честит и долговечен Ден на независноста- 8 Септември!