Четврта композиција од серијалот “Calmness” од Александар Петрески, музика инспирирана од Охрид
Охрид има привилегија да лежи над непроценливо богатство, односно да лежи врз темелите на античкиот град Лихнид. Во Охрид се наследува енергија со генерации, непрекинато од древни времиња, па се до денес. Знаците на живеење, уметноста и културата полускриени, ѕиркаат од секое камче. Феноменалниот спој на природата и културата биле наслада за многу наши предци, кои случајно или не биле дел од оваа оаза на времињата…
„Ова е мојата четврта “Calmness” композиција, посветена на Охрид, овој пат со осврт на културното наследство. Ова е досега најчудната и најнеобична композиција која сум ја направил. Инспирацијата ја добив и собирав на лице место летото 2024, кога ги снимав и материјалите за ова видео. Во видеата вклучени се само дел од многубројните цркви, археолошки локалитети, базилики со прекрасни подни мозаици, античкиот театар, Самуиловата тврдина, Горна порта, Плаошник, разни камени скулптури и плочи од охридскиот Лапидариум. Најголема фасцинација ми претставува градењето ”нови” градби со материјални остатоци од некогашни постари објекти. Тука е направен мостот и преминот за течење на енергијата низ времето.
Голема благодарност до Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид Управа за заштита на културното наследство кои ми дадоа писмено одобрение за снимање и објавување на видеото.
Затворете очи, уживајте и патувајте во времето.“ – вели Александар Петрески.