26/11/2024
Охрид

„Чист Охрид“ бара практично решение за дополнителни велосипедски патеки на улицата „7 Ноември“

Еколошката организација „Чист Охрид“ испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Улицата „7 ноември“ од кружниот тек кај Центарот за возила Охрид, па сѐ до комплексот Отекс, од двете страни располага со две пешачки површини меѓу кои има зеленило. Веројатно во минатото биле замислени како за пешаци, така и за велосипедисти.

Делот кој е веднаш до улицата е идеален за велосипедски патеки, по примерот на булеварот „Туристичка“, но и по примерот на други градови каде има слични решенија.

Како неформална еколошка организација, чија примарна заложба е унапредувањето на животната средина, во што се содржи и унапредување на условите за велосипедистите, Чист Охрид бара Општина Охрид да ја разгледа и реализира ваквата идеја.

Моменталната состојба на тротоарот е лоша, па оттука првично би била неопходна негова поправка и уредување, а веднаш потоа и фарбање, како и соодветно нивелирање и уредување на рабниците согласно стандардите за градење велосипедски патеки.

Должината на целиот овој простор во една насока е нешто над 700 метри или околу 1 километар и 400 метри од двете страни, што би значело дополнително зголемување на должината на велосипедски ленти во градот.

Очекуваме одговор и мислење од Општината за ваквата идеја и стоиме на располагање за нејзино дополнително елаборирање“. – стои во соопштението од „Чист Охрид“.


WebOhrid / 17.12.2021 / Еколошка организација „Чист Охрид“