ЦИВИЛ: Браво за одговорноста и пожртвуваноста, стоп за политичкото профитерство
ЦИВИЛ остро реагира и ги осудува континуираните обиди на одредени политички структури да се стекнат со политички поени на сметка на јавното здравје во екот на пандемијата на КОВИД-19.
За жал, не престануваат ни обидите да се приберат и политички поени, без оглед на тоа колку своеволното и некоординирано дејствување може да биде опасно по јавното здравје.
Мониторингот на ЦИВИЛ нотира дека, надвор од координација со релевантните институции на национално и локално ниво, одредени структури, се јавуваат со паралелни активности.
Мониторингот ја издвојува информацијата за УМС на ВМРО-ДПМНЕ кои на граѓанките и граѓаните на Штип им понудија паралелни услуги идентични на оние што ги предлага и општината преку своите официјални канали. Понудата на УМС е придружена со манипулативни пораки со цел да донесат нечесна политичка добивка, без оглед на опасностите кои се кријат во ваквото неодговорно однесување.
ЦИВИЛ и претходно остро реагираше на постапките на одделни политички партии со кои се обидуваат да се стекнат со политички поени на сметка на јавното здравје. Организацијата го оценува ваквото однесување како крајно несериозно и опасни по здравјето на луѓето.
Пандемијата мора да се сфати сериозно!
ЦИВИЛ бара од политичките партии да престанат да калкулираат со здравјето на граѓаните за политички поени. Сега е време да покажат одговорност и кон себе и кон своите членови и активисти, но и кон сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија. Додека институциите и одговорните политичари, медиумите и голем број граѓанки и граѓани активно и успешно се борат против ширењето на заразата, некој друг да се занимава со политичко профитерство. Тоа е нечесно и неодговорно однесување.
ЦИВИЛ остро го осудува неодговорното однесување на одделни политички структури и ги повикува институциите да преземат законски мерки против своеволието и противзаконското дејствување, како на поединци, така и на политичките структури.
Доколку се искрени во своите намери, политичките партии, наместо да ги опструираат, можат да им се приклучат на институциите во борбата против ширењето на корона вирусот. Наместо да ги доведуваат во опасност од заразување и своите активисти и сите околу нив, треба да ги следат и почитуваат мерките што ги носат Владата и институциите.
Доколку било која политичка партија сака да помогне во заштитата на населението од ширењето на коронавирусот, најмалку што може да направи е тоа да не го прави на своја рака. Потребно е, доколку навистина постојат искрени намери, заинтересираните партии да ги понудат своите капацитети на системот и да се координираат со институциите како што се Министерството за здравство, Кризниот штаб, Комисијата за заразни болести и Владата.
Мерките мора да важат за сите подеднакво!
ЦИВИЛ ја поздравува професионалноста и пожртвуваноста на сите вработени во здравствените институции ширум земјата.
Воедно, за поздравување се и напорите на сите волонтери, како и на припадниците на полицијата, армијата и други национални и локални институции и служби кои деноноќно работат на борбата против КОВИД-19.
Сите тие заслужуваат голема благодарност и почит.