ЦИВИЛ ја одбележува годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор
Денеска одбележуваме две години од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, со што се стави крај на речиси тридеценискиот спор за името меѓу двете земји.
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи и како организација која ги застапува и промовира европските вредности, го поддржа овој важен историски чин и спроведе голем број активности за граѓанска едукација за содржината и значењето на овој Договор. ЦИВИЛ ја честита годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор и им оддава признание на лидерството и мудроста на лидерите на двете земји, Северна Македонија и Грција, кои го водеа процесот до негово успешно спроведување.
Годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, ЦИВИЛ ја одбележува со објавување на пораки и текстови во прилог на овој процес на својата медиумска платформа на македонски, албански и англиски јазик.
Договорот е решение на спорот за името Македонија и преку него се воспостави стратешко партнерство меѓу двете соседни држави. Со решавањето на овој децениски спор, се овозможи евроатлантската интеграција на нашата земја.
Со договорот, нашата земја ја напушти привремената референца ФИРОМ и го доби името Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Грција го испочитува договорот и прва го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, а земјава на 30 март годинава, како што беше ветено, стана 30. членка на Алијансата. Договорот со Грција го отвори и патот за членство во Европската унија.
По Преспанскиот договор, никој повеќе не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци, кои говорат македонски јазик, гласи неодамнешната порака на преговарачот во спорот за името, Метју Нимиц, чиј роденден е токму на 17 јуни, кога во 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор во Нивици на Преспанското Езеро.