ЦИВИЛ: Криењето зад партиската говорница и уцените се неприфатливи, Мицкоски мора да одговара!
ЦИВИЛ изразува длабока загриженост и бара од институциите да реагираат решително, навремено и соодветно на законите, по јавното признание на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека поседува документи што се дел од кривична истрага. Како што и самото Обвинителство нагласи, тие материјали се набавени на криминален начин.
Неприфатливо е да се злоупотребува законот за укажувачи и секој што сака да постигне некаква предност или сака да уценува со поседување тајни документи од кривична истрага, мора да биде соочен со полната сила на законот.
Со криењето зад укажувачи („свиркачи“) со цел да се вршат политички злоупотреби и уцени им прави ненадоместлива штета на заложбите за борба против корупцијата и злоупотребите. Постапката на Мицкоски е за секаква осуда од јавноста, но подразбира и реакција на истражните и правосудните инстанции на системот. ЦИВИЛ очекува од истрагата да утврди каде се кријат тие материјали и какви сѐ други материјали се кријат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ што е имот замрзнат по барање на СЈО.
„Граѓанките и граѓаните се засегнати со тоа како функционираат институциите, но и како дејствуваат центрите на моќ и политичките партии. Законот мора да важи за сите, па така и за политичките лидери. Тие мора да бидат пример за тоа како се поддржуваат и почитуваат институциите и да даваат придонес кон владеењето на правото, а не да газат по сите придобивки на демократското општество. Однесувањето на некои политички субјекти и лидери во земјава е крајно неодговорно и противзаконито. Мора да одговараат!“ – изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ гласно протестира ваквото однесување на одделни политичари. Режимот на Груевски мора конечно да падне и мора да се обезбедат услови сите да бидат еднакви пред законот, без оглед на социјалниот статус и богатствата со кои располагаат поединци. Јавноста и институциите не смеат да бидат заложници на неказнивоста на поединци што од партиска говорница или од позиции на финансиска моќ го потценуваат владеењето на правото, а со тоа ја попречуваат правдата и ги кршат човековите права и слободи.
Одговорност мора да има!