22/11/2024
Охрид

ЦЈЗ: Граѓаните да не бидат доведени во заблуда и изложени на трошок за дезинфекција од несоодветни и неовластени фирми

Во периодот на соочување со епидемија/пандемија со коронавирусот Владата на Република Северна Македонија донесе низа мерки за заштита и спречување на ширењето на COVID-19. Меѓу другото, во пропишаните мерки е и дезинфекција на простор во објекти за домување, продавници, маркети, средства за јавен превоз и друго кои ја извршуваат Центрите за јавно здравје, како овластени установи кои поседуваат соодветен стручен кадар, опрема и средства за дезинфекција.

„Деновиве добивме информации дека одредени фирми на територијата на Охрид и Дебрца, нудат и вршат услуги за дезинфекција на простор во домови и работни места. Со цел нашите сограѓани да не бидат доведени во заблуда и да бидат изложени на трошок за услуга која ја вршат несоодветни и неовластени фирми, со средства за дезинфекција со сомнителен квалитет и ефикасност, известуваме дека ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид ги има мобилизирано сите свои човечки ресурси кои се на располагање 7 дена во неделата за спроведување на мерките на Владата и Министерството за здравство на РСМ, и стои на располагање за потребите на правните и физички лица за вршење на дезинфекција.“ – информираат од ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид.