22/11/2024
Македонија

СОР 23: Обраќање на Макрадули на Пленарната сесија на високиот сегмент

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули имаше обраќање на попладенвната пленарна сесија на високиот сегмент на 23-тата Конференција на Страните на УНФЦЦЦ (СОР 23), во кое ја информираше меѓународната заедница за напредокот на Република Македонија во правец на спроведувањето на Парискиот договор за клима. Во продолжение Ви го доставуваме обраќањето на заменик министерот за животна средина во целост.

Почитуван претседавач,

Почитувани високи претставници на 23-тата Конференција на Страните на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите Нации (УНФЦЦЦ),

Истакнати колеги,

Задоволство ми е да Ве известам дека пред 10 дена, Македонија го ратификуваше Парискиот договор.

Како нова реформска Влада, во рок од 3 месеци, го искористивме духот на оваа 23-та Конференција на страните „Понатаму, побрзо, заедно“ како мотивација за обезбедување на сите неопходни услови за едногласна ратификација на Парискиот договор.

Република Македонија со поголема посветеност им се придружи на глобалните напори за справување со климатските промени и за овозможување нискојаглероден раст и развој. Дури и повеќе, во Вториот двогодишен извештај (кој официјално ќе биде доставен до УНФЦЦЦ до крајот на годината), ги анализиравме и можностите за интензивирање на нашите климатски акции, односно изборот дали сакаме да продолжиме по рецептот за удобен живот или да бидеме поамбициозни климатски шампиони?

Иако Република Македонија е држава која не е во Анекс I од УНФЦЦЦ, таа е држава-кандидатка за членство во Европската унија (ЕУ) и поради тоа мора да се придржува до Политиката за клима и енергија на ЕУ во која се наведени обврските за државите кои се дел од Анекс I. Имајќи го ова предвид, Република Македонија направи доброволни напори во најголема можна мера да ги интегрира начелата за известување до УНФЦЦЦ кои важат за државите од Анекс I кон Конвенцијата.

Посветени сме на #КлиматскаАкција! Но, мора да најдеме механизам за дополнителна финансиска поддршка со цел да ги спроведеме активностите кои се планирани во нашите стратешки документи за климатски промени. Како мала држава сместена на Балканот, со среден приход, немаме пристап до повеќе ресурси. Државите со среден приход, покрај средства од државниот буџет, заеми од меѓународните финансиски институции, имаат потреба од дополнителни грантови со цел да се справат со најитните потреби за ублажување и адаптација. Ова треба да се земе предвид, особено од страна на Зелениот климатски фонд.

Без спроведувањето, ратификацијата ќе остане само обично гласање. Предизвикот е пред нас, потребно е да се организираме со цел да обезбедиме пофокусиран одговор согласно нашите обврски и да преземеме важни идни чекори за трансформациски промени.

Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Македонија силно се посветени да ја придвижат државата од рецептот за удобен живот до климатски шампион и знаат како да дојдат до таму.

Скопје, главниот град на Македонија е еден од најзагадените градови во светот. Постои силна поврзаност помеѓу загадувањето на воздухот и климатските промени. Во Вториот двогодишен извештај, направивме еден чекор понапред за да станеме климатски шампиони, преку анализирање на win-win мерки поврзани со затоплувањето во главниот град на Македонија – Скопје и нивното влијание врз намалувањето на емисиите на стакленички гасови и на локалното загадување на воздухот во Скопје.

Климатските промени даваат можност за раст и развој на државата. Подготвени сме да ја искористиме оваа можност – „Побрзо и заедно, за идните генерации“.

https://www.youtube.com/watch?v=7nS9JZq8JlA