Црвен крст ќе им додели признанија на најзаслужните крводарители во Охрид и Дебрца
Перманентна работа за промовирање и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба која Црвен крст Охрид континуирано, посветено и совесно ја спроведува. Како резултат на постојаната ангажираност на активистите на Црвен крст и службите за трансфузиологија во текот на целата година, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во нашиот град.
Хуманоста што ја покажаа нашите крводарители преку доброволно дарување крв придонесе да бидат спасени многу човечки животи.
Честитајќи им го 17 март, Денот на крводарителството во Македонија, Црвен крст Охрид изразува благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои го помогнале развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца и ги поканува на пригодна свеченост во просториите на Црвен крст Охрид на 15.03.2019 год. (петок), со почеток во 14:00 часот, на која ќе бидат доделувани признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во развојот и унапредувањето на крводарителството.