22/11/2024
Охрид

Црвен крст Охрид во сабота (14.09.2024) ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош

Црвен крст Охрид како едно од своите приоритетни заложби го има ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди. Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настанатата ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност.

Секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено укажана прва помош. Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош. Поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземеање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот.

И оваа година со посебно внимание се фокусираме на одбележувањето на овогодинешниот Светски Ден за Прва помош, ден за промовирање на знаењата и вештините за првата помош, со акцент на спортските активности. Спортот не е само извор на радост и забава, туку арена каде што поединците ги предизвикуваат своите физички граници, поттикнуваат другарство и промовираат вклученост во заедницата. Динамичната природа на спортот ги изложува поединците на различни ризици и повреди, вклучително и исчашувања, фрактури, потрес на мозок и многу други повреди. Оваа тема ја нагласува критичната улога што може да ја има првата помош во спортските средини обезбедувајќи ја безбедноста и благосостојбата на спортистите, гледачите и заедниците ширум светот.

Темата на овогодинешниот Светскиот ден за Прва помош е „ПРВА ПОМОШ И СПОРТСКИ АКТИВНОСТИ – ПОДГОТВИ СЕ И УКАЖИ ПОМОШ“. Во тие рамки Црвен крст Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош на 14.09.2024 г. (сабота) на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ и на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“, каде во периодот од 11-13 ч. тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе презентираат знаења и техники за укажување прва помош при различни повреди на спортски натпревари, тренинзи.

На овој ден својата хуманост ќе можат да ја искажат и сите наши сограѓани кои имаат желба и потреба да даруваат крв на крводарителската акција која во организација на Црвен крст Охрид ќе се одвива во Центарот за култура „Григор Прличев“ во периодот од 10 – 14 ч., под мотото ДАЈТЕ КРВ! РАЗУБАВЕТЕ ГО ДЕНОТ СЕБЕ СИ И НА ДРУГИТЕ!


WebOhrid / 12.09.2024 / Црвен крст Охрид