Црвен крст со нова Програма за подготовка на деца за во училиште
Црвен крст Охрид со големо задоволство најавува почеток на нова Програма за подготовка на деца за во училиште. Програмата е наменета за деца од 5 и 6 годишна возраст кои сѐ уште не тргнале на училиште, без разлика дали посетуваат или посетувале претшколска установа (градинка).
Целта на програмата е да се поттикне радост кон учењето и стекнување на нови знаења. Детето со радост да го очекува поаѓањето во училиште, во прво одделение, бидејќи успехот на училиште не зависи само од тоа колку знаење детето ќе донесе со себе, туку и од тоа колку ќе сака да стекне нови знаења.
Програмата за подготовка на деца за во училиште е осмислена на начин да дечињата преку игра, забава и дружење ја развиваат и јакнат самодовербата. Да стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училиштните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго. Вежбите се приспособени на возраста на детето и преку нив детето станува свесно за своите способности, се поддржува да не се откажува при правењето грешки и да има храброст да биде креативно.
Планирани се и најразлични теренски работилници на кои дечињата ќе го запознаат училиштното опкружување и снаоѓање во сообраќајот.
Родителите редовно ќе добиваат информација за напредокот на своето дете и насоки за понатамошна индивидуална работа со детето.
Програмата ќе се спроведува во помали групи, во просториите на Црвен крст Охрид, под водство на високо професионални и стручни лица (педагог, психолог), со богато искуство во работа со деца. Предвидени се два термини за реализација на програмата и тоа од 18 до 29 јули и од 3 до 16 август. Секое дете ќе добие сет на потребни материјали за работа.
За повеќе информации и пријавување во просториите на Црвен крст Охрид или на тел. 078 227-433, 070 315-309 или на е-маил ohrid@redcross.org.mk
WebOhrid / 05.07.2022 / Црвен крст Охрид