„Црвена сфера на плава лагуна“ и „Аферите на Џон“ изведени на третиот ден од „Вдиши театар“
Со поучна приказна за алкохолизмот и последиците од него младите актери на Црвен крст Бар, Црна Гора се претставија на третиот ден од овогодинешниот театарски фестивал „Вдиши театар“. Тие вчера во 19 часот на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ ја изведоа претставата „Црвена сфера на плава лагуна“ со која на оригинален и сликовит начин ги прикажаа проблемите на едно семејство во кое таткото е алкохоличар.
На третиот ден од „Вдиши театар“ свој настап имаше и театарската група на Црвен крст Битола која во 21 часот ја изведе претставата „Аферите на Џон“. На многу креативен начин младите талентирани актери го прикажаа проблемите со кои се соочува главниот лик Џон, заради „двојниот“ живот кој го води и комичните ситуации со кои се обидува да ги реши проблемите.
На четвртиот и последен ден од овогодинешниот театарски фестивал „Вдиши театар“ ќе настапат театарските групи на Црвен крст Ужице и Црвен крст Крагуевац кои вечерва во 19 и 21 часот ќе настапат на сцената во Центарот за култура Григор Прличев во Охрид со претставите „Сузе и солзи“ и „Луѓе во црно“.