27/11/2024
ОхридПисма/Колумни

Дали стратегијата за развој на туризмот во општина Охрид ќе биде само уште еден документ за во фиока?

Осигурувањето на одржливиот развој е основа за развој на туризмот се вели во Стратегијата за развој на туризмот на Општина Охрид за периодот 2020-2025. Оваа констатација не смее да остане само декларативна заложба и затоа од текстот на Стратегијата мора да се елиминираат сите остатоци од концептот масовен туризам кој е најголем непријател на УНЕСКО статусот на Регионот и е најголем непријател на правото на достоинствен живот и работа на локалното население.

Не сме убедени во потенцијалот за спроведување на Стратегијата која за оние активности за кои има предвидено средства (а нема предвидено за сите) е тешка речиси 300 милиони денари (поточно 297 милиони и 100 илјади денари) или речиси пет милиони евра.

Најпрво, Стратегијата се однесува на период 2020-2025 г. а се носи во 2022 г. Потоа, демографските податоци се стари, а неточни или нерелевантни податоци не може да се основа за каква било развојна стратегија која може успешно да се спроведе и да даде посакувани резултати. Освен тоа, знаејќи го капацитетот на македонската администрација цитиран во низа меѓународни извештаи, се планира енормен број на документи (планови, програми, студии, регистри, итн.) кои е неопходно да се изработат за да може да се исполнат индикаторите на предвидените активности, а потоа и доследно да се спроведат. Не ја гледаме поентата во поставувањето на нереални цели кои ќе доведат до неспроведување на Стратегијата, особено затоа што таквиот принцип на работа носи една многу пострашна последица – целосно прифаќање на матрицата на конципирање про форма документи кои никој ниту ќе ги чита, а уште помалку ќе ги спроведува, по што следува хаотично и некоординирано работење што секако е само на штета на Регионот и на луѓето кои живеат и работат во него. Нашиот предлог е напорите да се насочат кон неколку приоритетни стожерни процеси (особено клучните приоритети од препораките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО), да се вложат сите напори во нивна доследна реализација, а потоа да се премине во следна фаза на посложено планирање.

Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО уште во 2017 г. констатираше дека Охридскиот Регион е под значителен притисок од туризмот кој е комерцијален и масовен што очигледно е клучната визија за „развој“ и силно ѝ препорача на Македонија преориентирање кон типови на туризам со кои истовремено се штитат вредностите на Регионот (како што е набљудување птици, планинарење, планински велосипедизам). РММ ѝ препорача на Македонија да изработи Стратегија за одржлив туризам заснована на исклучителната универзална вредност на Регионот и истата да ја поднесе на одобрување до Центарот за светско наследство (ЦСН) за да се утврди дали е усогласена со Програмата за одржлив туризам на ЦСН.

Во рамките на Третиот национален извештај кон Рамковната конвенција за климатски промени на ОН се даваат јасни препораки за намалување на емисијата на јаглерод и тоа со „План за туризам од XXI век наместо за масовен туризам од XX век“. Тоа значи дека во Стратегијата за развој на туризмот во Општина Охрид нема место ни за лов ни за риболов ни за сточарство ни за субвенционирање на туроператори за превоз на патници ни за поддршка на нискобуџетни и чартер летови.

Во услови кога планетата се соочува со најголемото истребување на видови во својата историја; во услови на заканувачки последици од климатската криза кои директно ги загрозуваат живеалиштата и може да доведат до сериозни и опасни по човекот нарушувања на екосистемите; во услови кога напредните туристички трендови се во насока на одговорно патување, како на пример, одразено во концептот „не оставај трага“ (leave no trace); во услови кога Општина Охрид се протега во една од биолошки најразновидните и следствено, непроценливо важна, планина, воедно и Национален парк и природно наследство и Прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО – промоцијата на лов во стратегијата за туризам може да се оцени само како комплетно неразбирање на природните процеси, како и основните принципи на одржливост и потребата од заштита на природата и недостиг на знаење за суштинската спрега помеѓу благосостојбата на луѓето и одржувањето на природните екосистеми. Понатаму, стимулирањето на сточарство во време на климатска криза во земја која има совршени услови за производство на висококвалитетни овошја, зеленчуци, житарки, мешунки итн. е крајно неоправдано и неосновано, особено затоа што сточарството е препознаено како еден од главните емитери на стакленички гасови според Извештајот за национален инвентар на стакленички гасови (2020).

Да се предвидат 12 милиони денари (скоро 200 илјади евра) за субвенционирање туроператори за евтини летови кои претставуваат чиста контрадикција на концептот на одржлив туризам е повеќе од неумесно. Посочените активности побаравме да се елиминираат бидејќи се контрадикторни на начелата на одржлив туризам. Напротив, со нив се поттикнува евтиниот масовен туризам кој го уништува Регионот, ја продлабочува сиромаштијата и е голем дел од причината зошто интелигентни и способни млади луѓе го напуштаат Регионот барајќи подобри услови за живот и работа во други градови или земји. Субвенциите за евтини летови кои носат евтини туристи на кои ова им е четврти или петти одмор во сезоната и гледаат да поминат најевтино што може, се класична замка на масовниот туризам.

Охридскиот Регион е подрачје во кое мора да се развива туризам со уникатна понуда и профит за локалното население и зголемување на неговиот стандард, наместо одлевање на финансиите кај странски корпорации и мала група локални моќници.

Стратегијата мора да се темели исклучиво на развивање локални зелени бизниси, вклучување на заедницата во туристичката понуда, како што се активностите предвидени за инвестирање во руралните средини, но многу внимателно за да се задржи неопходниот баланс меѓу заштитата на природата и економските активности бидејќи тоа е дефиницијата за одржлив туризам.

Во Стратегијата на неколку места суптилно провејува идејата за марина во Студенчишко Блато која мора да се елиминира еднаш засекогаш од сите планови за Регионот. Врската меѓу Блатото и Езерото мора што побрзо да се врати, Блатото мора да се реставрира и да се ревитализира според насоките од експерти. Научниот туризам воопшто не се спомнува во Стратегијата иако може да биде еден од високопрофитабилните типови на туризам кој не само што ќе овозможи свесни посетители, туку и ќе генерира нови сознанија кои до сега се скриени во издашната ризница на балканскиот Галапагос.

Забелешките на Стратегијата за развој на туризмот на Општина Охрид 2020-2025 во нивната интегрална верзија достапни тука и на Стратегијата за рурален развој во Општина Охрид 2022-2027 достапни тука, се изработени од Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ

Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.