Дамјана, Ема и НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно за помош на Јана
Минатиот петок на 11 Октомври во култниот „Аквариус„ се одржа Хуманитарната изложба на која се собираа средства за лекување на охриѓанката Јана Арсовска.
Публиката имаше можност да ужива во фотографиите од Ема Вељаноска и поезијата од Дамјана Видическа и за истите да дискутира со нивните автори и да ги купува.
-„Јас сум само човек“ или I am Just a Human е нашата прва изложба спој на поезија и фотографии. Идејата за насловот беше стих од песната „Дај ми“ и целиот мотив на овој настан беше изграден врз основа на тоа. Песните и фотографиите се напишани и направени во текот на една година и главна цел ни беше, не само да ги споделиме со вас, туку и да и’ помогнеме на Јана.“ – рече Видическа откако ја прочита нејзината песна и со тоа ја отвори изложбата.
„Уметноста е медиум што има моќ да раскажува приказни и да пренесе некаква порака со која влијае врз општеството и отвора поле за нови дискусии, а тие нели водат до зближување на луѓето.“ – додаде Вељаноска, со што изложбата беше официјално отворена.
Во овој проект на младите Видическа и Вељаноска со донирање нови книги од сопствената продукција се вклучи и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
Беа продадени доста фотографии, песни и книги нашите сограѓани ја покажаа на дело својата хуманост и несебичност. За оние коишто ја пропуштија изложбата и продажбата на книгите а сакаат да ја видат, сликите,песните и книгите се се’ уште изложени во кафулето „Аквариус“ и истите се’ уште можат да се купуваат. Колку повеќе купени слики, песни и книги толку повеќе пари за лекување на нашата Јана.