Делегација од Институтот „Конфуциј“ при УКИМ во посета на ОУ „Живко Чинго“ Велгошти
Денес (30-ти август 2023), мала делегација од Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, предводена од директорот Лијао Веј и професорката по кинески јазик Ирина Андреевска, го посетија основното училиште „Живко Чинго“ во Велгошти, општина Охрид.
На средбата со директорката Љубица Ангелоска Кркачоска на основното училиште, се разговараше за претстојните планови за организирање на часови по мандарински кинески јазик и кинеска култура како вонучилишни активности. Исто така, директорката и претставниците на делегацијата разговараа и споделија идеи околу можностите да се организираат културни активности за промоција на македонската и кинеската култура во рамки на училиштето.
Оваа средба претставува почеток на една убава и пријателска соработка помеѓу ОУ „Живко Чинго“ и Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, која на учениците од ова училиште ќе им донесе многу можности за проширување на своето знање, надоградба на нивниот образовен процес и проширување на нивниот светоглед со нови културни вредности, кои несомнено ќе допринесат за нивниот развој.
WebOhrid / 30.08.2023 / ОУ „Живко Чинго“ Велгошти