Делегација од Општина Охрид во работна посета на Шведска
Секретарот на општина Охрид, Александар Китески, директорот на ЈП „Охридски Комуналец, Сашо Најдески и раководителот на Одделението за Управување со отпад и регионални депонии, Вера Рауник, беа во работна посета на Кралството Шведска, во Стокхолм и Јевле, а во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“.
Општина Охрид е една од шесте општини во двата региона кои работат на проектот за одржливо управување со отпад финансиран од SIDA (Шведска агенција за меѓународна развојна соработка) имплементиран од SALAR International (Шведска асоцијација на локални власти и региони).
Целта на посетата беше да се пренесат искуства при спроведување на одржливи практики за управување со отпад, вклучително и ефективно собирање, рециклирање и повторно користење на отпадот, преку воспоставените системи и практики кои се покажаа успешни во шведските општини и региони. Учесниците беа запознаени и со потребата од заедничко надминување на предизвиците поврзани со регионалната и меѓуопштинсака соработка во регионот за управување со отпадот, преку подигање на свеста на граѓаните за одржливо управување со отпад, ефикасна организација, планирање и структура на работата на локално ниво, подобрена комуникација и промени во однесувањето, што ќе придонесе за пониски инвестициони и тековни трошоци и секако заштита на животната средина. Во предвидените активности, беше реализирана посета на фабриката „Екогас“ која е во доминантна сопственост на општините и во која се третира органскиот отпад, односно се произведува гас за возилата за подигање и транспортирање на отпад и јавниот превоз. Се презентираше станицата за рециклирање, како и начинот и организацијата на собирање на отпадот.
На работната посета во Шведска беа и претставници од останатите учесници на проектот од Југозападниот и Пелагонискиот регион.
WebOhrid / 10.09.2024 / Општина Охрид