23/11/2024
Македонија

Демократски сојуз: Челична дисциплина, гаранција за победа над вирусот

„Демократскиот сојуз ги повикува граѓаните да покажат челична дисциплина во спроведувањето на одлуките, насоките и препораките на власта, насочени кон спречување на ширење на Корона вирусот – Ковит 19, како и обезбедување на нормално одвивање на основните функции на државата, важни за намалување на негативните последици за економијата.

Доследното почитување на мерките за спречување на ширењето на епидемијата, значи успешна борба против вирусот и за кусо време нормализирање на животот на граѓаните.

Паралелно со превентивните мерки, мора да се зголемуваат здравствените капацитети, да се следат научно верифицираните терапии за лечење на заразените, да се обезбедат доволно заштитни средства и опрема и постојано да се објавуваат препораки до граѓаните како да постапуваат во услови на епидемија.

Во врска со економските мерки, сугерираме тие да се преземат врз основа на продлабочени анализи и консултации на науката, експертите и бизнисмените и нивните асоцијации.

Државната помош и олеснувања треба да ги опфатат сите компании кои имаат штета од мерките кои се преземаат, за да товарот  се распореди подеднакво на сите субјекти.

Во овие тешки состојби, платите на сите вработени и во приватниот и во јавниот сектор треба да се задржат или со минимално процентуално намалување, со што граѓаните ќе имаат услови да ги покриват зголемените трошоци за храна, лекови и заштитни средства.

Превенцијата и заштитата не е можна без средства и во оваа насока предлагаме да се разгледа можноста за социјално загрозените семејства и поединци да им се компензираат дел од трошоците за енергија, комунални услуги и вода и сл.

Демократскиот сојуз повикува на доследна примена на повикот „СЕДЕТЕ ДОМА“.“ – стои во соопштението од Демократскиот сојуз.