23/11/2024
Македонија

Демократски сојуз: Да се објави Договорот со „БЕХТЕЛ и ЕНКА“ за да се спречи грабеж на столетието

Демократскиот сојуз инсистира Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ да се објави и да биде предмет на стручна анализа и јавна расправа, особено што причина за законските измени се обврските вградени во договорот и прифатени од преговарачите и Владата.

Криењето на договорот од јавноста, експертите и од пратениците, само ги засилува сомнежите и веќе изнесените информации, дека тој овозможува коруптивни активности и  претставува своевиден ГРАБЕЖ НА СТОЛЕТИЕТО.

Демократскиот сојуз ги повикува сите пратеници да отфрлат  продолжение на расправата по законите во скратена постапка и да инсистираат за нив да се расправа во редовна и јавна дискусија, откако зад законите ќе застане Владата, а не група пратеници.

Доколку продолжи  мајоризацијата на ДУИ и СДСМ, тогаш ќе предложиме имплементацијата на договорот да се одложи преку измена на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10 д.

Доколку и натаму главна улога има Артан Груби, претходно како координатор на Комитетот за преговори при склучување на договорот со „БЕХТЕЛ и ЕНКА“, а сега како Координатор за спроведување на договорот, кој тврди дека договорот е „тајна и никогаш нема да се објави“, можно е да останеме и без пари и без автопати.

Инаку, досега проценетата вредност на овој проект е една милијарда и шестотини милиони евра (1,6 милијарди евра), но според проценките на експертите и поради лабавите клаузули во Договорот, можно е сумата да достигне и до 2 милијарди евра.


WebOhrid / 14.04.2023 / Демократски сојуз