22/11/2024
Македонија

Демократски сојуз: Пендаровски да му се заблагодари на Малески

Демократскиот сојуз ги повикува македонската и бугарската влада да го почитуваат Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете држави, со кој е направен исчекор во европски дух за разрешување на меѓусебните спорни прашања од историјата. Најновите барања на официјална Софија за именување на македонскиот јазик како официјален јазик на РС Македонија и за јавно откажување на Македонија од македонско малцинство во Бугарија, како услов за напредок во европските интеграции, не се во духот на добрососедството и пријателството и директно ги нарушуваат одредбите од меѓудржавниот Договор.

„Македонскиот јазик е повеќевековен историски факт и реалност, меѓународно е признат од целиот свет и се изучува на катедрите на повеќе светски универзитети, а истовремено е прифатен и од Република Бугарија во споменатиот Договор за добрососедство и пријателство, како „македонски јазик согласно Уставот на РС Македонија“, па оттаму барањето за негово бришење и преименување во официјалните акти на ЕУ со некаква безлична формулација е чин на непријателство и негирање.

Постоењето на граѓани во Република Бугарија кои се идентификуваат како Македонци е проблем на официјална Софија, кој треба да се разреши во духот на Меѓународната конвенција за човекови права, меѓу кои е и правото на самоопределување. РС Македонија презеде обврска со Договорот за пријателство и добрососедство да не се меша во внатрешните работи на Република Бугарија по ова прашање и оттаму е сосема излишно да се бара од нашата држава дополнителна декларација со која на граѓани на Република Бугарија ќе им наложува како да (не) се чувствуваат.

Изјавата на г. Денко Малески, надворешен советник на претседателот на РС Македонија, во која тврди дека Македонците и Бугарите биле ист народ (бугарски) во 19 век, а апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев и преродбеникот и основоположник на македонската современа нација, Крсте Петков Мисирков, биле етнички Бугари, не води сметка за историскиот контекст во Отоманската империја и е еднострано прикажување на историската вистина, кое го застапуваат политичките и академски елити во соседна Бугарија, кои со децении го негираат постоењето на Македонците.

Дополнително, ставот на г. Малески ја минира работата на меѓусебната македонско-бугарска државна комисија за историските прашања, прејудицирајќи ги резултатите од нејзината работа за утврдувањето на историските факти, што е макотрпен и долготраен процес. И покрај тоа што г. Малески, како професор и интелектуалец, има право на сопствено мислење и став за историјата, бидејќи тој во моментов има важна советодавна функција, Демократскиот сојуз го повикува претседателот Пендаровски да му се заблагодари на неговите совети, зашто таквите ставови длабоко го навредуваат достоинството на македонскиот народ.

Демократскиот сојуз верува дека спорните прашања од историјата меѓу Македонија и Бугарија, од крајот на 19 век, Првата и Втората светска војна, па се до денес, можат да се разрешат единствено во духот на меѓусебниот дијалог, и не смеат да бидат дел од политички уцени на официјална Софија за интегрирање на РС Македонија во Европската Унија. Уцените и условувањата им даваат ветар во грбот на оние политички сили во РС Македонија кои настојуваат да шират омраза кон Бугарија и бугарскиот народ, и се против добрососедството и пријателството меѓу двете земји и двата народа.

Демократскиот сојуз потсетува дека македонскиот народ и македонскиот јазик не се измислица на Коминтерната, туку продукт на долготраен историски континуитет и борба за национална, социјална и политичка слобода на Македонија и Македонците, поробени и поделени во различните завојувачки држави на соседите, царствата и големите сили низ историјата. Членството во Европската унија за Македонците е неприфатливо по цена на национално и јазично самоуништување.

Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков и мнoгу други Македонци, се бореле за Македонците и Македонија да биде самостојна и независна држава. Тој вековен стремеж е реалност и затоа имаме обврска да ја чуваме, развиваме и градиме Македонија.“ – стои во соопштението од Демократскиот сојуз.