Демократски сојуз: Претседателот Пендаровски да не го потпишува Законот за дивоградбите
„Демократскиот сојуз не го поддржува Законот за добивање правен статус на бесправно изградени објекти и бараме претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува законот со што ќе се спречи беззаконието во државата и да се привилегираат оние кои ги кршат законите и се директно одговорни за градежниот хаос.
Има објекти изградени во заштитени зони, што е спротивно на деталните урбанистички планови и објекти кои ја попречуваат реализацијата на урбанистичките планови.
Ставањето во нерамноправна положба на граѓаните е спротивно на принципот на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред законите.
Чесните граѓани подготвуваат проекти, бараат дозволи за градба, плаќаат комуналии и ги почитуваат сите прописи. Додека оние што градат бесправно и узурпираат земјиште, диво се приклучуваат на водоводните мрежи, електричната енергија, ги кршат сообраќајните решенија и слично, не смеат да бидат и натаму мотивирани и лош пример за во иднина. Демократскиот сојуз има разбирање за социјалните аспекти, но никако не се за градежен хаос и легализација на хациенди, деловни објекти, куќи со базени итн.“ – стои во соопштението од Демократскиот сојуз.