Ден на граѓанскиот протест: Борбата продолжува!
ЦИВИЛ и оваа година го одбележува 12 април, почетокот на Шарената револуција. Тоа е денот кој мора да остане запаметен во историјата како симбол на борбата против режимот и диктатурата на една власт која никогаш повторно не смее да ни се случи.
На овој ден, се сеќаваме и на сите други протести, граѓански иницијативи и движења со кои граѓанките и граѓаните на Северна Македонија го изразуваа својот протест против недемократските политики и практики.
Четири години по Шарената револуција, која започна на 12 април 2016 година, ЦИВИЛ потсетува дека сега повеќе од кога било мора да останеме будни и да се спротивставиме на остатоците од режимот, на деструктивните политики и кампањи на кои, за жал, сведочиме и во тешките денови на борба против пандемијата на корона вирусот.
Борбата за човекови права и слободи, правда, слобода и еднаквост во нашето општество продолжува.
Сеќавањата на Шарената револуција мора да продолжат да живеат како сведоштва за моќта на гласот на обесправените, моќта на граѓанките и граѓаните кои сите овие години не останаа неми, глуви и слепи на неправдите.
Со цел да ги одбележи сите граѓански протести за човекови права, слобода, правда и еднаквост, ЦИВИЛ во 2018 година започна иницијатива за одбележување на 12 април како Ден на граѓанскиот протест. Иницијативата е доставена и до Собранието на РСМ, но таа најмногу се однесува на граѓанките и граѓаните, без оглед на тоа дали овој датум ќе биде прифатен и признаен од политичарите и институциите.
Оваа иницијатива ја поддржа и претседателот Стево Пендаровски.
Оваа година, соодветно на мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, ЦИВИЛ го одбележува Денот на граѓанскиот протест со серија текстуални, фото и видео прилози на својата медиумска платформа која своевремено беше една од ретките што го пробиваше медиумскиот мрак наметнат од режимот.
Со оваа иницијатива, ЦИВИЛ им оддава длабока почит и признание на сите слободољубиви граѓанки и граѓани кои поминаа месеци и години на улиците низ целата земја, барајќи почитување на човековите права и слободи за сите.