23/11/2024
Македонија

Денес е Рождество Христово – Божик

Божик е најрадосен христијански празник. Бидејќи на овој ден, според христијанската вера се роди Божјиот Син, Исус Христос – Спасителот на светот, Божик е празникот на раѓањето на нов живот, празник на децата и на детството, родителството и создавањето. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Црквите кои го користат Грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и повеќето православни цркви, го прославуваат на 25 декември. Црквите кои го користат Јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божик на 7 јануари.

Во повеќето земји во светот со значителен дел на христијанско население, вклучувајќи ја и Република Македонија, празникот Божик е неработен ден.

Празнувањето на Божик е поврзано со низа обичаи, а поговорката е јасна: „Пред Божик, зад Божик дома да си“, што има значење дека за време на Големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.

На Божик, рано наутро почнува Богослужба во црквите. Причесната следува по службата кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости.

Вториот ден на Божик е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан Првомаченик. Во некои краеви на овие празници луѓето коишто го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан. Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.

За многу години! Христос се роди, Навистина се роди!

WebOhrid