Денес ќе се одржи првата конститутивна седница
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Tалат Џафери го потпиша Решението за свикување на Првата – Конститутивна седница на Собранието на Република Северна Македонија. Конститутивната седница ќе се одржи на 4.8.2020 година (вторник), со почеток во 12 часот.
Со оглед на новонастанатата состојба со пандемијата Ковид-19 и во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од корона вирусот.
На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.
Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието на Република Северна Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема.
Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ.
ренос од Конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца.
Во текот на денот, во сите простории каде што има активности, по нивното завршување ќе се прави дезинфекција.
Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите ќе важат одредени протоколи за следење на Конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот. За да се избегне поголемо групирање, Конститутивната седница ќе може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум. Медиумите чии претставници ќе ја следат Конститутивната седница, треба да го пријават нивното присуството во Одделението за односи со јавност на Собранието, на следната е-маил адреса: jinformiranje@sobranie.mk (име и презиме, адреса на живеење и е-маил адреса) до 31.7.2020 година (петок). Напоменуваме дека согласно препораките на Комисијата за заразни болести, капацитетот на просторот дозволува најмногу 50 претставници на медиумите.
Пренос од седницата ќе можат да следат во Салите 3 и 4 во Прес-центарот на Собранието на Република Северна Македонија.
Бидејќи присуството во Големата сала, каде што ќе се одржува Конститутивната седница, ќе биде ограничено, инсерти и фотографии ќе можат да направат само една камера од Националниот радидифузен сервис и службени фотографи ангажирани од Собранието на Република Северна Македонија.
- Инсертите за сите медиуми ќе бидат достапни на FTP серверот на Националниот радиодифузен сервис: ftp://185.83.252.123//Sobranie%20na%20RSM%20Konstitutivna%20sednica%202020 (user: ftpUser; pass: ftpPass);
- Фотографиите за сите медиуми ќе бидат достапни на официјалниот flickr линк на Собранието: https://www.flickr.com/photos/sobraniersm/;
- Седниците на работните тела медиумите ќе можат да ги следат преку директен пренос на веб-страницата на Собранието на линкот: https://www.sobranie.mk/prenos-od-sednica.nspx (линкот се отвора преку Internet Explorer).
По завршувањето на седницата, изјави ќе можат да се дадат во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, каде што за таа цел ќе бидат обезбедени соодветни технички услови и соодветна физичка дистанца.
Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието на Република Северна Македонија нема да работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во Прес центарот.
Со цел да се обезбеди поголема здравствена заштита, а со оглед на тоа дека станува збор за голем настан, кој ќе се одвива во затворен простор, на сите присутни во зградата им се препорачува да го лимитираат движењето низ зградата и постојано да носат заштитна маска.