Денес се одбележува Меѓународен ден на спомениците и локалитетите
Националниот комитет на ИКОМОС денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, годинава на тема „Наследството за генерациите“. Овој меѓународен ден (18 април) го прославуваат 110-те национални комитети на ИКОМОС ширум светот …
„Споделување и пренесување на искуството помеѓу генерациите е извонредно значаен чекор во културниот развој, кој од памтивека го карактеризира човештвото“ – нагласуваат од Националниот комитет на ИКОМОС (Меѓународен совет за споменици и локалитети).
Од Националниот комитет – ИКОМОС Македонија потенцираат дека денеска ќе биде упатена честитка по повод Меѓународниот ден до сите активни чинители во заштитата на културното наследство во Република Македонија. По тој повод, во текот на годината, ќе бидат организирани повеќе активности, меѓу кои и презентација за активностите на комитетот за период 1995-2017 година, организирање на еднодневен Едукативен форум со пренос на искуство и знаење од постарата генерација на конзерваторскиот еснаф на помладата генерација, делегирање на млад експерт-член на македонскиот национален комитет во перманентната Работна група на млади професионалци на Меѓународниот совет за споменици и места – ИКОМОС и друго.
Од ИКОМОС Македонија нагласуваат дека сите нивни активности оваа година ќе бидат во контекст на одбележувањето на „2018 – годината на европското културно наследство“.
На 18 април 1982 година е одржан научен симпозиум организиран од Националниот комитет на ИКОМОС на Тунис и седница на Бирото на ИКОМОС во Хамамет, Тунис, и тогаш е сугерирано на тој датум – 18 април во иднина да се прославува диверзитетот на наследството низ целиот свет. Делегатите на Генералната конференција на УНЕСКО на својата пленарна седница ја усвоија таа идеја на ИКОМОС и ја преточија во Резолуција на 22-рата сесија во ноември 1983 година со препорака секоја земја членка на УНЕСКО да го одбележува 18 април како Меѓународен ден на спомениците и локалитетите.