23/11/2024
Охрид

Денот на Европа одбележан во Охрид

Со уметнички перфоманс на учениците од основните училишта и најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“, денес на градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“ во Охрид беше одбележан 9 мај – Денот на Европа. Пред присутните се обрати претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.

„Македонија и древниот Охрид се вистинското место од каде можеме уште еднаш да ги упатиме пораките за чување на цивилизациските вредности како темел за развој на современите демократските процеси. Токму на овој ден се слави и победата над фашизмот, најголемото зло на 20 век, врз чиј пепел е изградена денешната Европа, како сојуз на рамноправни држави и народи, со полно уважување на нејзините членки врз демократски принципи и взаемно разбирање. Убедени сме дека , охридските длабоки и цврсти просветителски, хумани и културно-историски корени, ќе бидат дополнителен, заеднички предизвик за забрзување на процесот за влез на Република Македонија во големото европско семејство.“ – истакна Ангелоска.

Основците од Охрид на посебни штандови, преку текст, слики и анимации претставија неколку европски држави и заедничките европските вредности.