23/11/2024
Охрид

Десетта Меѓународна научна конференција за безбедност

Денеска во Охрид започна јубилејната десетта Меѓународна научна конференција посветена на безбедноста, која се одржува во организација на Факултетот за безбедност од Скопје во партнерство со Фондацијатa „Ханс Зајдел” и Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување.

Во рамки на свеченото отварање на конференцијата, свое обраќање пред присутните имаше Претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.

-Особено не радува фактот, што Охрид традиционално е град домаќин на овој интернационален собир, кој на едно место ги носи сите познати експертски имиња од областа на безбедноста, кои се докажани во светски рамки.

Темата на овогодинешната конференција е посветена на подобрување на капацитетите на малите држави, во однос на безбедноста и сите современи предизвици на ова поле. Се надевам дека научните трудови кои ќе бидат изнесени во рамки на конференциската програма, значително ќе придонесат за зајакнување на борбата против корупцијата, организираниот криминал, проблемите со миграцијата и заштитата на човековите права.

Исто така, значајно е тоа што преку оваа научна конференција ќе се обезбедат валидни податоци и научно потврдени наоди, кои ќе овозможат спроведување на рационални и прифатливи решенија во реформите на безбедносните системи, во меѓународни рамки, истакна Ангелоска во своето обраќање.

На Свеченото отворање на конференцијата, присутвуваше Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, а свои обраќања пред присутните имаа и Ректорот на УКЛО Проф. д-р Сашо Коруновски, Претседалот на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување м-р Верица Милевска Стефановска и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје Проф. д-р Никола Дујовски.

Во рамки на конференцијата, која важи за еден од најдобрите академски собири од областа на безбедноста во регионот, ќе земат учество професори од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Индија, Мароко, Турција, Русија, Словачка, Чешка, Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Хрватска, Словенија и други држави.