22/11/2024
Македонија

Дескоска: Наскоро ќе започнеме со реконструкција на нови 13 училишта

Министерката за образование и наука д-р Рената Дескоска, заедно со заменик министерот Арбер Адеми, денеска ги посетија ОУ „Наум Наумовски – Борче“ и ООУ „25 Мај“ во општина Гази Баба, кои се дел од проектот проектот за изградба и опремување на училишни спортски сали и рехабилитација на средни и основни училишта, чија основна цел е да го унапреди образовниот процес.

Подобрувањето на квалитетот на наставата и условите за учење, образовната инфраструктура се наш приоритет. Финансиските средства за реализација на овој проект се обезбедени од Буџетот на Република Македонија, но и со помош на Банката за развој при Советот на Европа, како и со Европскиот заеднички Фонд за Западен Балкан. Партнерски успеавме да реализираме многу проекти за  реконструкција, рехабилитација и изградба на спортски сали и училишта, истакна министерката Дескоска.

IMG 0869

Според Дескоска, инвестирањето во подобрување на условите во образованието, добрите училници, лаборатории, простор за рекреација и интеракција со другите ученици, директно влијае на подобрувањето на постигнувањата на учениците.

„Тие треба да бидат простории во кои учениците ќе можат да се развиваат, во кои ќе сакаат да го минуваат своето време, простор во кој наставниците ќе се чувствуваат почитувано и пријатно на своето работно место. Добрите училници ќе бидат и мотивација за поголем ангажман и на наставниците и на учениците во зголемување на квалитетот на наставниот процес и подобрување на резултатите од учењето кај учениците“, додаде Дескоска, напоменувајќи дека вложувањето во образовната и технолошката инфраструктура ги подобрува условите во училиштата, ја зголемува заштедата на енергија за затоплување, ги намалува трошоците за одржување на училиштата.

IMG 0891

„Од моето доаѓање на функција почната е изградба на четири нови спортски сали, а во мај ќе воведеме во работа уште една нова. Опремивме со столчиња и клупи 15 училишта, а во тек е набавка на интерактивни табли за 16 училишта. Наскоро ќе почнеме и со реконструкција на нови 13 училишта“ потенцираше министерката за образование и наука.

Ги повикувам, рече Дескоска, и градоначалниците да ги насочат своите приоритети кон вложување во образовниот процес, затоа што тоа се проекти кои граѓаните во нивните општини вистински ќе ги ценат и почитуваат, проекти од долгорочна значајност за развојот на локалните заедници. 

„Вложувањето во образованието е најголемата инвестиција што заедно можеме да ја направиме за оваа земја која се стреми кон европскиот образовен простор“, рече министерката.