Детски креативни работилници за мартинките во Битола и во Скопје
Управата за заштита на културното наследство, во рамките на Европската година на културното наследство 2018организираше две креативни работилници ,,Мартинките во Република Македонија – традицијата во рацете на најмладите“ …
Работилниците се одржаа во ЈУОДГ ,,Мајски цвет“ во Скопје и во НУУБ ,,Св.Климент Охридски“ во Битола. Креативното дружење со децата го водат м-р Ивона Опетческа Татарчевска од Одделението за нематеријално културно наследствоод Управата за заштита на културното наследство во соработка со ракотворкатана мартинки г-ѓа Јануша Лазиќ. Тие ги запознаваат и ги учат децата за традицијата на изработка на мартинките во Македонија. Вчерашната работилница се одржа на празникот „Летник“ кога, според Јулијанскиот календар, се започнува со изработка и носење на мартинки во Македонија.
На овие интерактивни работилници децата се запознаа со културната практика- мартинки, обичаите и верувањата при изготвувањето и поклонувањето на истите, нивната трансформација во современото општество и употребата во креативните индустрии. Помеѓу целите на овој настан е и популаризација на мартинките кај децата од најрана возраст, преку директно запознавање со нашите нематеријални културни добра и изработка на истите.
Црвено-белите амајлии изработени од усукани конци, во Македонија познати како мартинки, се наше национално нематеријално културно наследство, а од декември 2017г., како ,,Културни практики поврзани со 1 март – мартинки“ впишани се и на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО како дел од заедничка номинација на четири земји (Романија, Молдавија, Македонија и Бугарија), со што стануваат дел од светското нематеријално културно наследство и одговорност на целото човештво за негување на оваа исклучителна традиција.