Дическа: Вредноста на градот е во луѓето. Грижата за нив не треба да престанува ниту еден ден
СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ денес одржа прес-конференција на која се обрати кандидатката за советник, Снежана Дическа.
„Најпрво да ви го честитам 11ти октомври, Денот на востанието на македонскиот народ. Нашите предци се бореле за слобода, а денешните генерации се борат за подобар живот и за подобра иднина.
Вредноста на градот е во луѓето. Грижата за нив не треба да престанува ниту еден ден. Охрид треба да биде град кој промовира социјална правда, вклученост и безбедност за сите негови жители преку систематски, сеопфатни и иновативни програми во социјалната политика. Град кој обезбедува квалитетен живот од најраното детство до староста.
Покажуваме дека може да се промени начинот на кој Охрид се грижи за своите жители, од сите села и населби, за децата, за младите, за постарите и оние на кои им е потребна посебно внимание, затоа што социјален град значи грижа за секој поединец кој го има својот дом тука.
Постојано ја негуваме солидарноста и меѓугенерациската почит и затоа во претстојниот мандат преземаме конкретни мерки за подобрување на условите за повозрасните лица.
За таа цел во слободни простории и објекти кои се под надлежност на локалната самоуправа предвидуваме отворање на пензионерски клубови опремени со основни услови за развој на социјалниот живот во оваа категорија граѓани. Просториите ќе бидат отворени од 10.00 до 20:00 часот, а тука пензионерите во близина на своите домови ќе можат да се дружат и да поминуваат пријатни денови во третото доба.
Предвидуваме отворање на Центар за социјални услуги за изнемоштени и повозрасни лица, кој ќе нуди нега и помош во нивниот дом.
Во соработка со Министерството за труд и социјална политика и лиценцирани организации за нудење социјални услуги, ќе овозможиме помош и услуги за повозрасни охриѓани во нивните домови, вклучувајќи одржување на хигиена, снабдување со намирници, основна здравствена нега и слично.
Овој проект ќе го подобри животот на дел од нашите граѓани, но и ќе отвори нови работни места.
Планираме организирање и на локална поддршка постари лица при добивање информации, совети, обезбедување директна помош при контакти со социјални и здравствени работници и институции.
Имаме јасна визија и план за сите генерации, затоа на 17 октомври заокружете го бројот 12, гласајте за поубав Охрид, за инфраструктурно и модерно уреден град.
На 17ти октомври гласајте за градоначалникот Константин Георгиески и за советничката листа на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. На 17 октомври заедо со вас носиме уште една голема победа за Охрид.“ – истакна Дическа.