Дигитални обуки за полесно вработување на младите лица
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска присуствуваше на прес-конференцијата по повод промоцијата на дигиталната платформа која ќе им овозможи на младите невработени лица, особено оние кои живеат надвор од Скопје, да поминат бесплатна обука од програмата „Вештини за успех“ за да се стекнат со знаења и вештини за полесно вработување или започнување сопствен бизнис, креирана од Пивара Скопје.
Програмата изминатите две години се реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, но и центрите за социјални работи при што особено значајна е соработка со Агенција за вработување која нуди постојана поддршка, особено во одредување на кандидатите на кои најмногу им се потребни ваков вид обуки, при што предност имаат младите од социјално ранливите категории.
Во првите две години од реализација на оваа програма, обуката ја поминаа близу 1200 млади, од кои 71% се од женски пол. Со можностите што ги нуди дигиталната платформа, се очекува бројот на првично планираните 5600 лица кои би биле опфатени во програмата, да се достигне многу брзо, со што до крајот на 2020-та година би можел да биде и двојно поголем.
„Сите економски параметри и релевантни прогнози укажуваат на тоа дека оваа година ќе ја завршиме со рекордно низок процент на вкупна невработеност во земјата. Но, и покрај тоа останува предизвикот да работиме на намалување на невработеноста кај младите која се уште е на високо ниво. Реализацијата на ваквите обуки, кои овозможуваат и учење на далечина, преку дигитална платформа, се компатибилни со стратегијата и мерките на Владата за натамошно намалување на невработеноста, особено кај младите. Досегашните резултати што се постигнати со оваа програма се исклучително значајни и заслужуваат почит и поддршка од целата заедница“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Преку новата дигитална платформа младите добиваат можност да ги усовршат своите комуникациски вештини, да стекнат знаења од областа на финансиите и деловното работење, за креирање на развојни планови и управување со проекти, за ефикасно водење преговори и продажба, како и за организација и ефективно управување со времето и ресурсите.
„Исклучително сме задоволни од досегашните резултати од реализацијата на нашата програма „Вештини за успех“. Тие покажуваат дека 36% од младите кои веќе ја поминаа обуката веќе успеаjа да се вработат. Ваквиот резултат, заедно со големиот интерес што секојдневно го добиваме од голем број млади лица кои сакаат да земат учество во програмата, дополнително нѐ охрабрува да продолжиме, заедно со нашите партнери, да вложуваме во развојот на младите. На овој начин веруваме дека ќе креираме дополнителни можности и перспективи за младите и ќе придонесеме за натамошно зголемување на вработувањето и развојот на претприемништвото во земјата“, истакна генералниот директор на Пивара Скопје, Владимир Косијер.