Димче Маленко постхумно прогласен за почесен член на охридската Библиотека
Вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид со пригоден настан беше одбележана 100 годишнината од раѓањето на роднокрајниот автор, романсиер и раскажувач Димче Маленко.
-Ретки се моментите кога на некој автор, една генерација му се оддолжува со одбележување на еден век од неговото раѓање. Еве нам ни припадна честа и гордоста тоа денеска да го направиме за нашиот Димче маленко, еден од столбовите на познатата Охридска книжевна школа од Св. Климента преку Прличев па се’ до денес, рече модераторот Милчо Јованоски.
Во присуство на синот и ќерката на Маленко Петар Маленко и Убавка Упевче и бројни охриѓани почитувачи на ликот и творештвото на Маленко за неговиот авторски печат своевиден осврт за неговото творештво презентираше поетот Славе Ѓорѓо Димоски кој воедно се присети и на соработката со Димче Маленко и долгите беседи со него.
– Се случува во историјата на литературата некои писатели и нивните дела да се стават понастрана, да се подзаборават, од вакви или онакави причини да се премолчат, упорно да се изоставаат од панорамски и други претставувања или да се одбегнуваат од симпозиумски дискусии, иако (потајно) се знае дека, кон нешто што оставило некаква трага не треба и не смее да се однесува така, бидејќи секое творештво претставува национално богатство и наследство, крунски доказ за едно постоење и векување. Затоа, во духот на познатата аксиома на Булгаков „ракописите не горат“, се јавува времето-фактор кое сè одново безрезервно ќе понуди на препрочит, ќе расветли, ќе ги разбранува матните духовни (и политички) барички и на површина ќе исплива она што некогаш не било забележано или пак (од различни причини) намерно поттурнато од пред очите на љубопитниот читател…
Во македонската литература таков пример е охридскиот писател Димче Маленко*, кој со својата примерност упорно создаваше автентично уметничко дело, водеше мачни битки за обелоденување на истото, посебно со романот „Вознемирен водосвод“**, но неговата беспрекорна достоинственост не дозволи пред никого да потклекне и како што доликува го одживеа дадениот земен живот, а сега, неговото дело, специфично по многу нешта, ги продолжува неговите духовни вредности.
Како писател, Димче Маленко има специфичен книжевен израз реализиран низ повеќе слоеви, пред сè од лескички и синтаксички карактер, а после од наратолошки, но сите тие во цврсто единство го изразуваат оригиналното кај овој автор. Но за жал, во македонската литературна критика и теорија досега овие одлики воопшто не биле предмет на проучување и со тоа неоправдано му е одземено заслуженото место во вредносниот книжевен ранг.
Но без оглед на вонлитературните премежина што го следеа ова оригинално дело, Маленко пресликува една својствена претства за едно време, за еден народ и за еден крај, со што ја поминал сопствената судбоносна охридска патека оставајќи ги трајно духовните стапки врз нејзината осветена прав и со тоа Охрид зазема доминантно место во неговото творештво од територијална гледна точка, но највеќе од јазична. Во литературата познати се такви автори и авторитети кои на своето родно место, на својот микрокосмос им дале универзален белег и ги внесле во глоболната литературна мапа. Само да ги спомене авторите од нашата близина, Иво Андриќ, кој се пробиваше низ своите литературни вишеградски патила или, уште поблискиот, врањанецот Бора Станковиќ, душата на старото и носталгично Врање.
Со збирката песни „Мачници“, двата романа „Слободољубните човекољупци“ и „Вознемирен водосвод“, збирката новели „Паркот на Јоновци“ и петте драми Димче Маленко се вбројува во основоположниците на македонската современа лоитература и од тој факт не може да побегне ни еден македонски литературозналец или историчар на литературата, без разлика како македонската книжевна совест денес се однесува кон неговото дело,рече Славе Ѓорѓо Димоски.
Модераторот Јованоски презентираше извадоци од записници кои се поместени во книгата на покојната маринела Јовановиќ „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ во која видно место имаат преземањата на Маленко во поглед на востанувувањето на манифестацијата „Прличеви беседи“ на која учествувал буквално до своето заминување.
-Чествувањето на најистакнатиот деец на 19 век, преродбеникот и ловороносец Григор Прличев започна во далечната 1952 година , кога на 27 јануари Советот за просвета и наука и култура одржал советување со раководителите на претпријатијата, установите , просветните работници и граѓани во пресрет на одбележувањето на 59 годишнината од смртта на Прличев со две точки на дневен ред: Организирање прослава и Подигање паметник на Прличев.
Стои запишано во записниците и во книгата Прличеви беседи – Хроника на еден културен настан од Маринела Јовановиќ дека во дискусијата се вклучил и писателот Димче Маленко. Тој се заложил со продажбата на билети за приредби , концерти и кинопретстави да се наплатува по еден динар во корис на фондот за подигање на споменикот на Прличев. Исто така предложил да се побара од Советот за просвета , наука и култура на Народна Република Македонија во Охрид да се организира Културна олимпијада за сите постигнувања на полето на културата и уметноста.
Истата вечер, претседателот на Советот за просвета, наука и култура на град Охрид, Благоја Војдановски предложил да се формира Иницијативен одбор од 23 члена кој ќе ја преземе сета активност за организација на прославата и подигањето споменик на Прличев. Во Одборот бил и писателот Димче Маленко заедно неговите колеги Радослав Петковски и Борис Бојаџиски и други видни охриѓани од тоа време,рече Јованоски освежувајќи ги сеќавањата на присутните за тоа како започнале „Прличевите беседи“.
Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Гордана Змејковска во име на Установата на претставниците на семејството им врачи Благодарница со која постхумно Димче Маленко се прогласува за почесен член на Библиотеката.
Вчера семејството на Димче Маленко ја промовираше и веб страницата на која можат да се најдат податоци за неговиот живот и творештво- dimchemalenko.com
На одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Маленко извадоци од неговото творештво читаа средношколците: Анамарија Момироска и Кирил Ковачески од Рецитаторската секција при гимназијата во Охрид под раководство на проф. Грета Пипилева а настапи и младиот гитарист Илија Волканоски, ученик во ОМУ „Методи Патче“ од Охрид.