Димитров: Нацрт-договорот кој што го подготвивме е доставен до грчката страна
Изјава на Никола Димитров, министер за надворешни работи во Владата на Република Македонија, 20.3.2018 година.
„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, ќе бидам краток, имам веднаш после ова состанок, седницата на Владата е во тек. Имам да соопштам, две или три важни вести, чекори, во процесот за надминување на разликата околу името меѓу Република Македонија и соседна Грција.
Денеска во попладневните часови во Атина, претставник на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, го достави до грчката страна Нацрт-договорот што беше интензивно подготвуван во последниве денови. Од наша страна, македонскиот Нацрт-договор. Истовремено сакам да потврдам дека во изминатите денови, го добивме и грчкиот Нацрт-договор.
И со ова, комуникација која што досега се одвиваше главно низ усмен дијалог влегува во една фаза, каде што има и размена на пишани документи.
Убедени сме, целта е да се најде едно одржливо и едно достоинствено решение за надминување на разликата околу името. Да се најде една разумна дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција.
Тоа е можно. Со нетрпение и со задоволство ја очекуваме посетата на мојот колега министерот Коѕијас којшто ќе допатува во четврток ќе има доста средби и активна програма во петок.
И следната недела, на 30-ти март, на тоа ниви, двајцата министри ќе имаме прилика, под медијаторство на господинот Нимиц, под покровителство на Обединетите нации (ОН), да ги продолжиме разговорите во Виена.
Убедени сме, дека елементите, од нашата Нацрт-спогодба ќе бидат корисни и во рамките на тој процес, којшто е главен, бидејќи и формално врз основа на Резолуцијата осум, еден, седум, од 1993-тата година, на Советот за безбедност на ОН, овој процес и се води токму за тоа. Да се надмине разликата околу името и процесот се води под покровителство на Светската организација, на ОН.
Одговори на новинарски прашања на Никола Димитров, министер за надворешни работи во Владата на Република Македонија;
Медиуми: Министре, бидејќи вие веќе ги знаете и двата текста, колку се слични, Нацрт-договорите и грчкиот и македонскиот?
Министерот Димитров: Грчката Нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Не сум убеден дека ќе биде корисно да коментирам за содржината. Ние сме сведоци, дека секогаш кога се обидуваме да разговараме преку медиумите, а не преку институциите и воспоставените процеси, работата не се поедноставува туку се компликува.
Можеби, е чесно да кажам дека има разлики. И, на некој начин, разликата е во фазите, устен и писмен дијалог, меѓутоа постојат разлики. И се надеваме, дека ако мислиме заеднички на една цел, ќе успееме тие разлики да ги надминеме.
Медиуми: Две прашања. Првото, да разјасниме, ние имаме Нацрт-спогодба испратено до Грција, не одговор на нивната, туку имаме своја Нацрт-спогодба испратено до Грција?
Министерот Димитров: Имаме своја Нацрт-спогодба испратена.
Медиуми: Досега, тоа не се спомна, за наша Нацрт-спогодба?
Министерот Димитров: Ние, повторно учејќи од лекциите во целиот процес, формалниот дел, неформалниот дел, медиумската комуникација, одлучивме дека е подобро да работиме и да сработиме, отколку да најавуваме. И, затоа сега, кога тоа е направено и кога е предадено на другата страна и го објавуваме.
Медиуми: Колку, од тоа што го достави Грција е прифатливо за Македонија и дали содржи промена на Уставот?
Министерот Димитров: Тоа е прејудицирање на анализата којашто е во тек. И, повторно, не сум сигурен дека вакви сигнали, преку медиумите ќе бидат корисни. Мора да му дадеме шанса на процесот, мора да ја вложиме целата енергија во него. Тој продолжува, сега со билатерална средба, меѓутоа главна средба со посредникот Нимиц е идната недела. Да се обидеме, во таква директна комуникација да ги надминеме разликите.
Медиуми: Добивме информација дека во Брисел, а самитот, каде ќе бидат балканските земји, нема да биде испишано името на Република Македонија, ниту БЈРМ, Грција барала. И на сите учесници кои ќе бидат таму, ќе им биле испишано само името и презимето. Дали е точно тоа, дали имате информација?
Министерот Димитров: Во Брисел, на Самитот, оваа недела, ние не сме поканети таму. Тоа е Самит на земјите-членки, што ќе го води претседателот Туск. Ако мислите не Самитот за Западниот Балкан, што ќе се одржи на 17 мај во Софија, немаме таква информација. Ќе ја провериме.
Медиуми: Министре, велите дека медијаторот Нимиц се уште е инволвиран во процесот и дека се одвива во рамки на Обединетите нации (ОН). Предлог-спогодбата од Грција доаѓа, медијаторот Нимиц даде предлог сопствен, сега ние подготвуваме наш сопствен Предлог. Вие претходно, со Коѕијас и премиерот Заев со неговиот грчки колега, се среќавате последните четири месеци, ако не се лажам преку 18, 19 пати. Имаше ли потреба да , повторно се враќаме назад сега, со пишани предлози за спогодби, кои што ќе ни одземат уште најмалку месец, до два. Зошто, ова не го договоривте на Вашите средби, со Вашиот колега и премиерот Заев со својот колега.
Министерот Димитров: Најсуштинската рунда разговори, за главното прашање до сега, беше таа што ја организираше, што ја свика и што ја модерираше токму господинот Метју Нимиц во Виена, која што траеше седум часа и каде што не се постигна некаков посебен напредок. После тоа, јас имав средба, точно, меѓутоа многу кратка и не баш за ова прашање со министерот Коѕијас за време на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија во Софија, т.н Гимних. Мислам дека сите знаеме дека и формално и правно и суштински, посредничката улога има многу големо значење.
Таму е местото, каде што се обидуваме да ја надминеме оваа разлика. Сите овие контакти се делумно подготовка и инвестиција во тој процес. Јас се надевам дека во нашата Нацрт-спогодба, ќе има елементи што ќе бидат корисни за средбата во Виена на 30-ти март. И покрај, градењето на доверба, се е на некој начин и подготовка за тие средби. Дали имало, или немало потреба…Прашањето е старо, колку што е независноста на република Македонија. Се обидуваме, во неколку месеци, да направиме големи скокови, по фазата во која што, напротив, прашањето беше употребувано во други цели. И, многу е тешко и тоа е главниот предизвик, или еден од главните предизвици, да се изгради доверба, да се убедат двете јавности, дека ова прашање треба да се надмине, за толку брз период притиснати од европската агенда и од изборните циклуси на двете страни. За жал, јас ова не го кажувам за да направам некаков политички поен овде дома, меѓутоа, лично сум сведок, среќавајќи се со пријатели, со сојузници, со луѓе заинтересирани, претставници на држави да се надмине ова прашање, бидејќи факт е дека има и регионални импликации. Факт е, дека нашата почетна позиција, мај, јуни, на излез од политичка криза не беше завидна. И ние, се обидуваме со големи скокови да излеземе, од таа дупка, која беше длабока. И да ги вратиме пријателите и да создадеме аргументи дека треба Македонија да се поддржува, бидејќи ова прашање не е само надворешно политичко прашање, бидејќи е врзано со интеграциите од времето на 2008-ма или Букурешкиот Самит на Северноатлантската алијанса. Колку сме ние посилни дома, колку сме поочигледен кандидат, толку потешко му е на било кој, да не блокира. Колку сме попозитивни, колку сме по незаинтересирани да се расправаме, а сакаме да решиме отворени прашања…
Искрено да ви кажам има една карактеристика, по која што се препознава македонската надворешна политика денес, тоа е соочување на реалноста со проблемите и вложување во нивно решавање. Не ги користиме, во домашна политика, не ги користиме во смисла на надмудрување, бидејќи сме свесни дека време е регионот наш да исчекори и да порасне. Го затворивме прашањето со Бугарија, се обидуваме во рамките на можното да правиме се, да го затвориме прашањето и со Грција. Така што, дали било корисно? Се, ќе пробаме, доколку тоа може да донесе до достоинствено решение. Тоа ние е задачата.
Медиуми: До кога е рокот, за да го дадеме одговорот до Грција, или Грција да ни го даде нам и дали може тој рок да е 30 март во Виена?
Министерот Димитров: Ќе видиме. Нема цврсто утврдени рокови. Ние, претпоставувам, сега уште во петок, ќе отвориме разговор, а дел од аспектите. Ќе го продолжиме тој разговор и во присуство на медијаторот Метју Нимиц, така што овој не е строго пропишан, формален процес. Се, што може да води, кон надминување на разликата ќе го направиме.