Добитник на престижната награда „Григор Прличев“ е Славчо Ковилоски
Добитник на престижната награда „Григор Прличев“ за наградената поема за 2018 под шифра “Марко”, е Славчо Ковилоски.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски поет, прозаист и книжевен историчар. Автор е на една збирка раскази („Лоша тетка и други раскази“), две монодрами („Синот на Волкашин“ и „На Ножот“), три збирки поезија („Сонцето повторно ќе изгрее“, „Поезија во движење“ и „Барутна поезија“), три романи („Опасен сум“, „Сонување“ и „Синот на Кралот“) и повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Имал повеќе настапи и предавања за урбаната култура во ширум земјата, како и во странство (Њујорк, Загреб, Белград, Софија). Преведуван е на повеќе европски јазици. Бил главен и одговорен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Работи во Институтот за македонска литература, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: наградата за наука „3 Ноември“ и за поезија „Јован Котески“. Во 2018 година како еден од најмладите добитници ја примил најголемата државна награда „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување од интерес на Република Македонија од областа на науката за монографијата „Прилеп и Прилепско во XIX век (културно-историски процеси).
Идејата да се напише поемата „Крале Марко по вторпат“, авторот ја наоѓа во мешањето на легендите и историските факти за Кралот Марко, при што честопати стварноста е заменета со митологијата и обратно. Крале Марко како најомилен јунак во епосот на јужнословенските народи нуди извонредно многу можности градење книжевен лик кому не му се туѓи ниту реалноста, ниту фантастиката.