23/11/2024
Писма/Колумни

Додека граѓаните се борат со епидемија, мафијата си работи во Охрид

Фамозниот мораториум и акциониот план кој потонаа во Oхридското езеро е уште една игра создадена од мафијата и уништена од истата. Што се однесува пак до сестринските партии ДПМНЕ и СДСМ си продолжуваат со својата партиска агенда и личен профит, а народот им служи како гласачка машинерија која е важна само неколку дена пред избори. Истите теми, истите притисоци, истите закани, истите листи 20+, истите профитери.

Чудно како мислат дека народот ги заборавил локалните избори на кои како и претходните се ветувале брда и долини. Чудно е како на последните избори таканаречениот виновник Нефи Усеини го третираа како проблем, иако пред тоа им беше партнер, па противник, па повторно партнер, за сега да биде противник. Накратко постојаниот виновник за сѐ во последниве 10 години. Иако знаеме дека тој го прави само тоа што му се дава, чинам нема месец дена од последниот негов бонус т.е назначувањето за надзор во социјалното во Охрид. Накратко кажано увид на ранливите категории во Охрид, а добро знаеме што тоа значи и како функционира за време на изборите.

Што се однесува до дозволата т.е решението е потпишано од тогашниот премиер Зоран Заев, тој истиот што ќе го суспендираше и ќе му ги рушеше дивоградбите, но сепак доби награда. Е тоа е тој лажен лик за правда и живот за сите и тоа не е моја лична констатација, впрочем тоа е реалноста која сите ние добро ја знаеме.

Во март месец т.е месец дена пред изборите, тогашниот вд градоначалник, а сега градоначалник, очекуваше поддршка од централа и од сите институции, но една година после тоа гледаме дека нема ни трага ни глас од ветеното спрема граѓаните, но спрема советникот ветеното е остварено. Бетонската база работи со полна пареа. Пицеријата во полн погон. Зделката тогашна се претвори во реалност.

Од истиот момент во Охрид се направи ситна акција во која се отстранија само неколку платформи и се разлетаа 10- тина герамиди, така заврши една голема акција на градоначалникот. Каде ли заминаа моќниците и градежната мафија? Зошто со плажите сѐ уште се калкулира? Многу е едноставно, целото тоа пролонгирање и отварање на тие прашања е јасно како бел ден. Изборите чукаат на врата, мора да има притисоци и газдите на таканаречените диви плажи и дивоградбите мора да испорачаат, за да не се најдат први на црната листа за рушење. Тоа е и ќе биде главната гласачка машинерија во Охрид.

Морам да ги спомнам тука натажените и грижливи патриоти од опозицијата, браќата од ДПМНЕ, кои секојдневно пополнуваат агенда, а заборавиле што направиле и што оставиле зад себе, чинам се понашаат како новороденчиња и не знаат ништо за минатото. Дури некогаш се добива впечаток дека кога имаа апсолутна власт од 2013 до 2017 не знаеле што значи УНЕСКО и дали постои такво нешто. Дивоградби е нов збор кој што го научиле во изминативе неколку месеци, но сега секојдневно зборуваат за тоа. Амнезијата е чудо, а дволичноста реална констатација.

И за крај целото сценарио е смислено во кое градоначалникот ќе го „крка“ подебелиот крај, а партијата која го „залета“ ќе го пушти сам да „трча“. Мандатот и времето не застануваат, напротив тие си течат и се помалку време останува и е се поизвесно дека и овој пат охриѓани се измамени, а партиските профитери заситени. УНЕСКО повторно ќе почека, а охриѓани барем тие што останаа повторно ќе ја платат цената за профитерите од сестринските партии да си го наплатат својот труд.

П.С. Општина Охрид во март ќе рушеше, па во јуни немаше пари, па во август немаше надлежност, па во декември државата ќе и помогнеше, па сега не и помога и на самиот крај нема подршка од Советот и советниците. Како ли ќе продолжи оваа игра останува да видиме. На лагата и се кратки нозете, а пак вистината ќе пробие и не се крие.

Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ – Охрид

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.