23/11/2024
Писма/Колумни

Додека вирусот беснее: Како “бунтовната” соработничка на В.И. Ленин, д-р Елена Каваева, ја победи маларијата во Охрид, Струга, Македонија и Албанија?

Во ова време – невреме, сакам да пренесам една сторија, како поучно четиво. Постарите охриѓани и стружани, да ги потсетам на д-р Каваева (Елена Етингер Каваева) и да ги замолам, споменот кон оваа исклучително заслужна жена, која, заедно со нејзиниот сопруг д-р Влaдимир Каваев, се основоположници на македонскиот здравствен систем, да им го пренесат на помладите.
Има зошто!

На Каваева потсетувам токму во овој момент, затоа што со нејзиното име и дело се поврзува, сузбивањето на болеста маларија. Во Охрид и Струга, во целата земја, во Албанија.

Со свои средства и помош на родителите од Полска градела патишта, копала одводни канали во блатата на струшкото поле и охридската низина.Во тоа време, во целата земја, имало само девет лекари – педијатри. Во 1948 година го формира Детскиот диспанзер во Охрид, им се посветуваив исклучиво на децата и нивното здравје.

Родена е во Честахов, Полска, на 20 ноември 1903 година, била активен учесник во Октомвриската револуција во Русија, личен пријател на Ленин, уште од годините кога тој живееше во Швајцарија, како и на Плеханов, Џон Рид и други светски величини.

Се омажила за д-р Владимир Кавај, роден во 1889 година во Охрид, по мајка охриганка и татко стружанец. По школувањето во Охрид и Битола, во Санк Петерсбург, Владимир ја завршува Военомедицинската академија, по што работи како лекар 169 петроградска болница, каде ја запознава младата Елена. 

Заедно доагаат во Македонија. Владимир умира во средни години, Елена почина 1983 година, на 90 годишна возраст.Нема да пишувам повеќе за нејзиниот живот. Сето тоа можете да го најдете во сите енциклопедии. И самиот сум пишувал репортажи, затоа што лично сум ја познавал, сум бил во контакт, можеби уште и како мало дете, на што не се сеќавам, а сум слушал од мајка ми Неда.

“Си се сторил како Каваева!”: “Јас не учев и не дојдов тука да печалам, ами да лекувам болни , да бидам од полза” 
за народот”.

Постарите луге од моето село, се сеќаваа како докторката Каваева, преку Црвена Вода, поминала кон преку Распаќе и од таму на другата страна на Караорман и првото село во струшко – Присовјани, да помогне на неколку семејства.Тоа го сведочеше и самата Каваева.

На поширок, глобален план, ќе остане запаметена по мислата: “Јас не учев и не дојдов тука да печалам, ами да лекувам болни , да бидам од полза” за народот”.

Мисла, толку актуелна сега, кога лекартите се во првите борбени редови, за да ни помогнат нам. Колку ние им возвраќаме, тоа е друга работа!

На д-р Каваева (почина пред 37 години), потсетувам, пред се, како на една метафора за чистота, за лична хигиена.
Кога во семејствата, на училиште, или било каде, охриѓани ќе забележеа како некој претерува со личната хигиена, ќе му кажеа: “Каваева си се сторил!”.

Бидејќи добро се сеќавам на сето ова, сега ви велам: Сите да постанеме бетер од Каваева!

Зошто Каваева, во колективната меморија на охриѓани и стружани, влезе преку хигиената?

Дојдете со закрпени алишта, ама да бидат испрани и чисти!

Кога ќе појдевме кај д-р Каваева, во нејзината ординација, во објектот познат како “Маларична”, или “На маларична”, и за мала причина, нам и нашите мајки, најнапред добро ќе не испокараше.

Не мора да сте богати. Не мора да сте облечени – ниту ала турка, ниту ала франка. Можете да дојдете со закрпени алишта, ама да бидат чисти!

Откако секого ќе прегледаше, никого не одбиваше – го покарала претходно, или не, ќе препишеше лекови, ќе објаснеше да се земаат редовно, а не да се лекуваме по “бабини деветини!”. Уште пред да излеземе од ординацијата, ќе земеше средства, ќе избришеше се што употребила (тогаш ни немаше денешните апарати за дезинфекција), ќе ги испратеше пациентите и ќе ја дезинфикуваше внатрешната и надворешната рачка од вратата. После секој преглед, после секој пациент.\

Можеби некому денеска ќе му изгледа чудно. Би сакал да верувам дека не има се помалку такви. Ако ова го напишев пред здравственава криза, барем половината од читателите, ќе ме прогласеа за малку чикнат!

Да не беше така, не ќе беше вака: Петицијата во Софија, пред цар Борис.

Дедо ми Ангеле, Бог да му душа прости, беше обичен селанец од Црвена Вода. Се потпишуваше со палецот.Формално не беше писмен. Но беше голем мудрец.На село, таквите неписмени, ги нарекуваа “дрвени адвокати!”. Тој видел и турско и српско и бугарско! Работите ги објаснуваше многу едноставно: Синко, да не беше така, не ќе беше вака!

Да не беше екстремната педантност и чистунство на д-р Каваева, немаше да биде победена маларијата во Охрид, Струга и пошироко. Барем, не, во тоа време. А работела и во Албанија, Елбасан.

Само во тогаш малата градска населба Струга, преку зима, “имаше и по 400 случаи на заболени од ендемичен тифус” (сеќавање на д-р Каваева).

Да не беше Еврејката, Каваева од толкава потреба за охриѓани, можеби ќе завршеше во Треблинка, како и многумина други. Според историските податоци, 11 илјади Евреи од Македонија.

Охридските првенци, покренале акција за собирање на потписи за спас на преку потребната докторка и нејзината ќерка. Петицијата била однесена во Софија и лично му била предадена на цар Борис.

Потписи се собирале и во Струга, ама биле неважечки, затоа што кај Подмоље била Митницата (Царината), а Струга била под италјанско – балистичка окупација.

Да не бевме неодговорно – раскалашени, какви што бевме до само пред некој ден, не ќе беше вака- со развојот на заразата.
Да не криевме дека сме биле на скијање во Италија, Швајцарија, или на Копаоник (кој каде во зависност од дебелината на буџеларот), ќе имавме помалку заразени.

Да не печалевме политички поени, со непотребни прес конференции, да не ги делевме лекарите на наши и ваши (во политичка смисла, – определба),ќе имавме поголема доверба и во политиката, и во здравствениот систем.

Изгубивме многу, но никогаш не е доцна за да се остави првиот впечаток. 

Веле Митаноски

      Спомени за едно време

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.