23/11/2024
Охрид

Доделена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема

Во рамките на чествувањата на годинашните Прлиеви беседи, денес во НУЦК “Григор Прличев“, на авторката Гордана Стојановска за поемата “Клучевите“ и беше врачена наградата за најдобра поема за 2017 година. Свеченоста беше збогатена со музички рецитал, а одбрани стихови од наградената поема читаа актерите Андријана Тодоровска и Павел Маслов.

Честитајќи и ја наградата на авторката, пред присутните се обрати и претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.

– Ваквите празнувања посветени на великаните, каков што е Григор Прличев, секогаш се одлична прилика одново да си ветиме дека ќе ја чуваме и негуваме нашата традиција и дека секој со своето знаење, умеење и совест ќе придонесуваме за подобра иднина на нашиот народ и земја. За тоа да го постигнеме, потребно и полезно е, секогаш на ум да ги имаме високопоставените, не само уметнички, туку и етичките и општоцивилизациските вредности на Прличев – истакна Ангеловска.

Наградата и повелбата на наградената авторка Гордана Стојановска и ја врачи директорот на НУЦК “Григор Прличев“, Стрезо Стаматоски. Овенчаната поетеса се заблагодари на наградата, подвлекувајќи дека е многу почестена и како човек и како автор.

– Мотивацијата за да се напише поемата во суштина произлезе од онаа состојба во која се наоѓа човекот во модерниот свет којшто е постојано изложен на притисоци, бомбардиран со информации. Поемата се обидува да ги стави на вага сите оние универзални и врвни вредости како што се цврстата вера, безусловната љубов, силната надеж, храброста и желбата да се оди напред. Тоа претставува едно трагање по одговор, дека тие вредности сеуште постојат и дека човештвото и човекот како суштество е сеуште подготвен да се издигне над сето зло кое постои во овој свет, истакна Стојаноска.

Чествувањата продолжуваат утре со културно – уметничка програма во спомен куќата на Григор Прличев и свечена академија на Основното училиште кое го носи името на лавороносецот.