24/11/2024
Македонија

Доделена наградата „Жан Моне“

Делегацијата на Европската Унија, во партнерство со Советот за етика во медиумите, синоќа ја додели наградата „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија, како и за најдобра репортерска и аматерска фотографија.

Бојан Блажевски, новинар на „Билд“, ја доби наградата за новинарскиот текст на тема „Слепите црева на недоградениот автопат меѓу Македонија и Албанија“, Томислав Георгиев за најдобра репортерска фотографија и Александар Ристовски за најдобра аматерска фотографија.

“Со оваа награда им даваме признание на оние кои се обидуваат да направат разлика, ги афирмираме оние кои се залагаат за точно известување и градат доверба, наместо страв и несигурност. Ги наградуваме оние кои се обидуваат да најдат решение за проблемите и поттикнуваат позитивни промени на сите нивоа на општеството“, рече Шефот на делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар при доделувањето на наградите.

Со жирито кое ја додели наградата претседаваше Надежда Гаче, директор и главен и одговорен уредник на неделникот Нови Магазин во Србија. „Осведочивме квалитетни трудови, кои се одликуваа со висок квалитет, иновативност и креативност во изработката. Тоа треба да биде белег на доброто новинарство“, рече Надежда Гаче.

„Доделувањето на наградата продолжува да биде континуирана поддршка на посветеноста на слободата на изразувањето, слободата на медиумите и размената на идеи, мислења и ставови како основен столб на отворените општества и како одраз на демократијата“, истакна извршната директорка на СЕММ Марина Тунева.

На овогодинешното 16-то издание на конкурсот за наградата „Жан Моне“ беа пријавени вкупно 49 стории, 30 професионални и 15 аматерски фотографии.

Наградата се состои од мали статуети за сите победници, ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра за победниците во категоријата најдобра новинарска сторија и најдобра професионална фотографија, како и ваучер во вредност од 500 евра за победникот во категоријата најдобра аматерска фотографија. Статуетките за наградата годинава ги изработи ликовниот уметник Никола Пијанманов.

Темата на конкурсот за најдобра новинарска сторија и најдобра репортерска фотографија беше „Градење доверба во несигурни времиња“, а за аматерска фотографија на тема „Нашата различност, наша сила“.